Во пресрет на Велигденските празници и традиционално зголемената побарувачка на јајца, бои за јајца, месо и други прехранбени производи, Агенцијата за храна и ветеринарство спроведува засилени контроли кај операторите со храна низ целата држава.
Контролите се насочени кон сите сегменти од синџирот на храна од производството, преработката, дистрибуцијата и се до продажбата, со цел да се спречи пласирање на небезбедни производи и да се сузбие нелегалната трговија.
„Инспекторите за храна и официјалните ветеринари на терен детално проверуваат дали операторите ги исполнуваат сите општи и посебни услови за безбедност на храната. Во однос на боите за јајца и јајцата, покрај условите за чување и складирање и означувањето, акцент ќе биде ставен и на контролите при увоз, при што на местото на истовар, на физички преглед ќе подлежи секоја увозна пратка“ информираат од АХВ.
Оттаму додаваат дека под засилен надзор се маркетите, угостителските објекти, специјализираните продавници за јајца, производителите и трговците со бои за јајца и нивните увозници, како и месарниците и зелените пазари.
Апелираат до граѓаните да бидат внимателни и храна да купуваат исклучиво од одобрени и регистрирани оператори кои се под контрола на Агенцијата за храна и ветеринарство.












