ТЕРА

REKLAMA???

Ќе се најде ли маж (или жена) што ќе го оп(о)пра(в)и СДСМ во Битола?

Огласот за пријавување на кандидати за претседател на СДСМ Битола конечно е објавен. До 7 април, сите што мислат дека се кадарни да го водат партискиот огранок може да се самокандидираат и да се надеваат дека ќе го зграбат кормилото на Титаник.

 

Критериумите кои ги објави централата од Скопје скоро е невозможно некој да ги исполни во целост, па меѓу социјалдемократите во Битола, веќе се во тек анализите и калкулациите кој би требало да го наследи Методија Куновски. Се вртат имиња на веќе видени и чуени партиски кадри, но и имиња кои се познати во потесните партиски кругови. Интересно е што, многу често, се слушало размислувањето, дека новиот претседател или претседателка, треба да има пари, да биде финансиски силен за да можи да почасти кафе, ручек, вечера и да ја купи наклонетоста на “волците” што ќе го опкружат. Наводно, од тие причини, на платен список на партијата бил ставен и членот на Извршиот одбор, Драган Крајовски, кој по два мандати директор на битолскиот затвор, по падот на СДСМ, остана на улица.

 

Ако се оди по оваа логика, тогаш најголеми шанси за нов претседател на СДСМ во Битола му даваат на Зоран Стојчевски, актуелен член на Централниот одбор на партијата. Тој е највозрасен и најискусен од сите кандидати што се споменуваат, а имаше аспирации и за градоначалничка трка на последните локални избори. Стојчевски зад себе има два мандати советник во време на Владимир Талески, бил директор на Јавното претпријатие за превоз Пелалинк, работи во Агенцијата за земјоделие и помага во приватниот бизнис на неговиот брат. Тоа веројатно му ги зголемува уште повеќе шансите – ќе се јади и пие во кафаната на бате, од која, пак, не се излези новопечените функционери од ДПМНЕ. Меѓу ретките слабости кои се споменуваат за Стојчевски е неговата улога во ФК Пелистер во минатото, кога заедно со брат му го водеа клубот, но на крајот оставија стотина илјади евра долг. Стари социјалдемократи го коментираат и неговото потекло и прекарот и не прифаќаат претседател од село Чарлија, познат како “Дрвото” во јавноста.

 

Со силен финансиски “мираз” во трката се споменува и режисерката и глумица, Софија Ристевска Петрушева, актуелна советничка во Советот на Општина Битола. Извори од СДСМ Битола брифираат дека Ристевска нема богато искуство во партискиот живот, и покрај тоа што ја водела општинската комисија за култура во време на Драган Крајовски. На последниот оглас, Ристевска била кандидат за претседателка на Форумот на жени на СДСМ Битола, по што нејзината партиска кариериера “експлодира”. Познавачите на состојбите велат дека лошите односи со “старата” партиска гарда, може да ги намалат нејзините шанси да го преземе раководењето со огранокот во Битола.

 

Како нов можен претседател на СДСМ Битола се споменува и Борче Корлевски. И него, велат, пари не му недостигаат оти беше два мандати советник, вработен е во РЕК Битола, беше тренер во Женскиот ракометен клуб Пелистер во време на Тони Коњановски, а “меша прсти” и во Здружението на слепи лица. Во екот на изборната кампања во 2024 година, ВМРО-ДПМНЕ жестоко го критикуваше Корлевски што ја вработил сопругата во Центарот за социјални работи на работно место предвидено за Ромка. Инаку, важи за човек на Васко Ковачевски и е кум на членот на Извршиот одбор, Драган Крајовски. Праксата од локалните избори да не се дозволат роднински врски помеѓу партиски функционери, највероатно ќе биде најголемата пречка за Корлевски да дојде на чело на СДСМ во Битола.

 

Јане Велкоски е уште едно од имињата кои се вртат во социјалдемократските кулоари како аспирант за претседател. Ова релативно младо момче, беше член на Извршниот одбор на СДСМ Битола во време на Методија Куновски, а се најде и на листата кандидати за советници на последните локални избори. Во јавноста е познат и преку повеќе проекти кои ги реализирал, надвор од партиските простории, како оној за модерни решенија во сообраќајот. Низ партиските ходници, Велкоски го сметаат за амбициозен и трудољубив човек, но премногу неискусен за една таква функција како претседател. Инаку, Велкоски е вработен во приватниот сектор.

 

Освен овие имиња, како претенденти за претседателската фотелја во СДСМ Битола се споменуваат и Јадранка Павловска, Ѓорѓи Ѓоргиевски, Благој Лазаров… Павловска е актуелна претседателка на Форумот на жени во Битола и советник во општината во втор мандат. Нејзините заслуги за одржување на форумот и генерално на партијата во живот, дури и кога ништо друго не функционирало во општинската организација, и даваат право да се надева дека може да се фати во костец со проблемите. За Ѓоргиевски и за Лазаров, пак, велат дека се дел од функционерите во партиската структура на СДСМ во Битола, едниот вработен во РЕК Битола, другиот во Здравствениот дом. Нивните евентуални кандидатури повеќе се гледаат како олимписки отколку реални.

 

Кој и да се пријави, кого и да одберат во Скопје, новиот претседател или претседателка на СДСМ Битола ќе има навистина тешка задача. Прво ќе треба да ги собере пајажините низ партиската зграда која повеќе од 100 дена е заклучена, по оставката на Методија Куновски. Потоа, ќе треба да ги зачисти и партиските редови или да ги компонира желбите и аспирациите на неколкуте фракции и моќници. Првиот тест ќе биде формирањето на Извршиот одбор кој по распоредот од Скопје, треба да заврши најдоцна до крајот на април.