Помеѓу селата Царев Двор и Езерани, на патот кој го поврзува селото Езерани со Ресен, обновена е старата депонија која темелно беше исчистена минатата година.
Мештаните велат дека несовесни жители од двете села овде нелегално депонираат отпад. Се носи од градежен шут до органски отпад. На местото може да се забележи стар мебел, покуќнина, расфрлани јаболка, пластични канти и картони.
Локацијата е средишна точка помеѓу селата Царев двор и Езерани и до истите има околу половина километар. Од Ресен местото е оддалечено околу 4 километри.
Последен пат оваа локација се чистеше минатата година. Односно една поголема акција беше спроведена во месец јуни. За жал по четири месеци депонијата беше обновена, односно локацијата беше повторно полна со смет. Повторно беше организирана акција за чистење во која што се вклучија граѓански организации, јавните претпријатија и волонтери. Се користеше и градежна механизација со цел ефикасно и темелно чистење. За сето ова се трошат и сериозни парични средства.
За жал истата локација деновиве осамна повторно затрупана со смет.
Мештаните реагираат дека на овој начин директно се загадува животната средина односно почвата во која локално се одгледува храна, како и водата со која се наводнува.
Во целата околина се лоцирани голем број јаболкови насади, кои исто така се на удар на ваквото загадување.

Локацијата се наоѓа на патот кон заштитениот парк Езерани, што е строго заштитено подрачје.
Со оглед на тоа што истата локација досега се чисти во повеќе наврати, но несовесни жители повторно нелегално депонираат смет, мештаните бараат засилен инспекциски надзор на терен.
Велат дека со почести контроли на загадувачите може поефикасно да им се застане на патот.
Исто така бараат поставување на видеа надзор на ваквите локации каде диви депонии никнуваат по кој знае кој пат.












