„Трафиката на Борис Ќориот“ еден од највпечатливите симболи на старата битолска чаршија и градскиот дух на Битола заминува во историјата.
До 30-ти јуни на сопствениците им истекнува договорот со општина Битола, по што сами треба да ја отстранат трафиката. Велат дека иако со години се бореле да ја задржат локацијата од која што ја обезбедуваат егзистенцијата, сега веќе немаат друг излез освен да се откажат.
Низ годините наназад се соочувале и со зголемена закупнина на која сепак се согласиле со цел да имаат што да работат, но оваа година со истекот на договорот во јуни веќе ќе мораат да го затворат малиот дуќан.
Немајќи избор целата ситуација сопствениците сами ја вртат на шега и велат – Трансформаторот остана, но трафиката на Борис Ќориот заминува во историјата, мислејќи на случајот со трансформаторот на улицата СРУ-5 во Битола кој деновиве го привлече вниманието на само на битолската, туку на целата македонска јавност.
Инаку „Трафиката на Борис Ќориот“ е мал битолски објект кај центарот на градот, но неговото значење во колективната меморија на битолчани е големо.
Борис, познат по прекарот Ќориот, бил легендарна фигура во Битола. И покрај неговиот хендикеп со видот, тој бил познат по исклучителната способност да ги препознава муштериите по гласот и начинот на кој го поздравувале. Бил синоним за чесност и услужност. Важел за човек кој ги познавал сите „градски фаци“, политичари, боеми и граѓани.
Трафиката не била само мала продавница, туку точка за социјализација. Тука се „бистрела“ политика, се коментирал фудбалот и се ширеле чаршиски муабети.
По смртта на Борис, трафиката продолжи да постои како потсетник на едно минато време. Таа е дел од културното наследство на градот, кој наскоро за жал заминува во историја.












