Наградата „4 Ноември“ е највисокото признание со кое Битола им се заблагодарува на своите најистакнати граѓани за нивниот животен труд. Добитниците на ова високо општинско признание секоја година засадуваат дрва во алејата во Градскиот парк во Битола.
Просторот е обележан со соодветна табла на која пишува Алеја на добитниците на наградата за живтно дело „4 Ноември“ на Општина Битола. Инаку, првпат во оваа алеја дрвце посади лауреатката на наградата за животно дело „4 Ноември“, Виолета Томовска.
Но, традицијата која требаше да биде симбол на раст, долговечност и почит, денес е сведена на тажна слика. Наместо густ дрворед од бујни крошни кои го претставуваат „животното дело“ на лауреатите, во паркот доминираат исушени гранки и празни места.
На прв поглед, во алејата можат да се избројат само неколку преживеани дрвца кои се борат со времето. За останатите, приказната завршила многу порано. На местата каде што со свечени церемонии и камери беа засадувани садниците, сега можат да се забележат исушени стебла, мали, безживотни остатоци кои едвај „ѕиркаат“ од земјата. Причина за ова е можеби и вандализам или едноставно немоќ на младото дрво да опстане без соодветна нега.
Алејата не е само обврска на институциите, туку и аманет на сите битолчани. Наградата „4 Ноември“ е симбол на градот, па затоа и нејзината алеја заслужува да биде препознаена како заеднички проект.
„Секое дрво што ќе го засадиме во чест на нашите лауреати е порака до идните генерации. Тоа што некои од нив не се фатиле од прва, е само потсетник дека на убавите работи им треба постојана грижа и внимание,“ вели еден од редовните посетители на паркот.



















