На 7 мај 2026г./четврток/ од 20.00 часот во организација на НУЦК „Марко Цепенков“, во Прилеп за првпат ќе се одржи концерт на клавичембало – еден од најзначајните инструменти на барокната епоха, кој ја обликувал музичката мисла и изведувачката практика на 17 и 18 век, а е исклучително редок инструмент во Македонија, со само два функционални примероци во земјата според достапните податоци.
Концертот, под наслов „Музиката на европските дворови на XVII век“ ќе го изведат: Јована Топалов (Србија), меѓународно образована чембалистка од Белград со силна насоченост кон историски информираната изведба, и сопранот Ана Митоска (Македонија), која значаен дел од својот уметнички репертоар го посветува на раната музика. Концертната програма нè води низ европските дворови на XVII век – од Англија, преку Австрија и Франција до Шпанија. Ќе бидат изведени дела од Д. Скарлати, Ј.Ј. Фробергер, Е. Жаке де ла Гер и Х. Персел, вклучувајќи ги вокалните минијатури “Music for a While” и “What Power Art Thou” и драмската кантата „Сузана”. Концертот го истражува богатството на барокниот музички израз и звучниот свет на европските дворови, а е тематско продолжение на минатогодишните Dulcia Sonant концерти.
Звукот на чембалото, за разлика од неговиот наследник пијаното, се создава преку механизам на перца кои со тргање на жиците произведуваат јасен, светкав тон карактеристичен за барокниот музички израз.
Концертот претставува редок културен настан за македонската музичка сцена во целина – и можност за доживување на барокниот звучен свет – чембало и глас – во живо, во историски информирана изведба. Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македониja.













