ТЕРА

REKLAMA???

Трафостаницата си доби улица – што (не) открива документацијата?

Податоците за улицата СРУ 5 што Општина Битола ги стави на располагање на нашата телевизија отвораат редица прашања, почнувајќи од законитоста на одобрението за градба, па до исцртаните велосипедски патеки на коловозот.

Улицата е предвидена со Деталниот урбанистички план за АРМ четврт 1, донесен во 2010 година. Основните проекти се изработени во 2012 и 2013 година, а одобрението за градба е издадено во 2014 година. Според законските правила, доколку инвеститорот не започне со градба во рок од две години од правосилноста на одобрението, тоа престанува да важи.

Дали изградбата на улицата воопшто започнала навреме или е дивоградба?

Иако документацијата датира од пред повеќе од 10 години, активностите за изградба на улицата се интензивираат дури во последниот период. Од документите кои ги презентира општината пред камерата на Тера телевизија, се забележува дека во 2025 година биле изработени измени и дополнувања на Основниот сообраќаен проект, а во март годинава СВР Битола дала согласност за новиот режим на сообраќај. Само неколку дена подоцна, Општина Битола донела решение за трајна измена на режимот. Останува нејасно што точно било променето и зошто тоа се направило толку доцна, во фаза кога улицата веќе се реализира.

Најголемата мистерија на улицата СРУ 5 останува трафостаницата која со еден дел влегува во коловозот. Според основните проекти за сообраќај и коловоз од 2012 и 2013 година, реализацијата на улицата била условена со дислокација на трафостаницата. Оттука се наметнува прашањето дали проектот е изменет, или пак изградбата не се спроведува согласно првично предвидените услови?

Дополнителна конфузија на коловозот внесува и велосипедска патека, која во моментов е одвоена со пластични столпчиња. Нејзината поставеност, особено во делот околу трафостаницата, отвора дилеми дали станува збор за трајно и безбедно решение или за привремена импровизација. Со голо око не може точно да се утврди, но впечаток е дека коловозните ленти ни одблиску не се широки по 4,5 метри во секој правец како што стои во еден од сообраќајните планови за СРУ 5. Во истиот тој план, предвидени се тротоари од двете страни на улицата, широки по 2,5 метри.

Нашата редакција до Општина Битола упати повеќе прашања, меѓу кои:

• Што точно е изменето во сообраќајниот проект за улицата СРУ 5 во 2025 година и зошто?
• Дали ревизијата ја извршила фирмата НАСА КОМ од Скопје?
• Дали во ревидираниот проект се предвидени тротоари и велосипедски патеки по целата должина на улицата?

Улицата СРУ 5 можеби изгледа како современ инфраструктурен зафат, но документацијата покажува дека зад неа стои долг процес со повеќе нејаснотии. Дали станува збор за задоцнета, но законита реализација, или за проект што се спроведува со сериозни отстапувања од правилата ќе треба да одговорат надлежните институции. До тогаш, останува впечатокот дека под новиот асфалт има многу неодговорени прашања.