ТЕРА

REKLAMA???

ДЕН НА МАКЕДОНСКАТА АЗБУКА

5 мај се празнува како Ден на македонскиот јазик во чест на 5 мај 1945 година, кога Народната влада на Федерална Република Македонија ја усвои македонската азбука како официјално писмо. Овој чин ја означи кодификацијата на македонскиот литературен јазик, поставувајќи ја основата за неговиот современ развој.

Генезата на македонскиот писмен јазик ја следиме уште од првите црковнословенски ракописи од X-XI век, кога се појавуваат првите типично македонски зборови, и тој развој го следиме низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од крајот на XVI век. Во XIX век веќе се појавува и јасна свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место во јазичното семејство на светот, свест што кулминира во делото „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков, објавено во 1903 г.

Тој континуитет во развојот на македонскиот јазик е потврден на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 г., датум од огромно значење за нас – датум на кој македонскиот јазик за првпат и официјално станува службен јазик во една држава – македонската држава. По официјализирањето, на 5 мај 1945 г. со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, азбука којашто исто така се надоврзува на претходната писмена традиција – црковнословенската кирилица, реформираната кирилица, т.н. граѓанка, како и графискиот систем што го користи Мисирков.

На 7 јуни 1945 г. е усвоен и правописот на македонскиот јазик, а набргу потоа следуваат и основоположничките дела на великанот на македонскиот јазик, Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик – и со тоа се заокружува кодификацијата на македонскиот јазик.

Од тој момент, македонската азбука и правопис почнуваат да се користат во практиката и се впрегнуваат во секојдневната јазична употреба од сите сфери на животот. Тестот на писмената практика – македонскиот јазик го положува со највисока оцена. Доказ за тоа се илјадниците дела напишани на македонски јазик со македонска азбука и правопис: и тоа од уметничка литература до врвни научни дела, од разговорен јазик до јазик на општеството, просветата, културата и на  медиумите.