ТЕРА

REKLAMA???

Децата во Преспа од најмали нозе учат да ја штитат животната средина

Децата од Преспа од најмала возраст учат како да ја штитат животната средина. Градинката „11 септември“ во Ресен покрај тоа што се вклучува во различни еколошки акции и спроведува еколошки едукативни активности за деца, сега преку соработка со “Тексомак“ и ЈП „Пролетер“ оди чекор понапред во заштитата на животната средина со поставување на контејнери за собирање на текстилен отпад.

„Соработуваме со Тексомак за собирање на текстил, односно со цел повторна преработка на неупотребливиот текстил или за собирање на текстил кој се уште е во употреба и кој што може да се пренесе на места каде што за тој текстил има потреба. Во дворовите на нашите градинки во Ресен се поставени два контејнери во кои што можат не само родителите на децата од нашата градинка, туку и пошироко од граѓаните. Можат да донесат текстил тука, а ние во соработка со ЈП Пролетер го пренесуваме на местата каде што има потреба од тоа. Истото тоа го правиме и со батерии. Децата можат да си ги донесат неупотребливите батерии и нив ги пренесуваме на ист начин во повторна преработка.“-вели Силвана Митревска, директорка на ЈОУДГ „11 Септември“-Ресен.

Градинката, исто како и училиштата во Преспа, едукативните активности за деца наменети да ја подигнат еколошката свест ги спроведува и во соработка со Здружението Еко Герила Преспа. Донаторската поддршка е од исклучително значење за континуитетот на ваквите активности.

„Едукациите ние ги имаме започнато многу одамна, но благодарение на донаторските програми можеме да продлабочуваме, односно да ги прошириме и во пракса да добиеме еден вид на продуктивна имплементација на она што се случува со едуцирањето. Имаме добра соработка со градинките, основните училишта, како и со средното училиште во Ресен. Работиме на интерактивни работилници зависно од возраста на школските деца. Се прават и посебни програми во вид на тренинзи, децата добиваат едукација благодарение на менторите и наставниците посочени од самото училиште или од градинките. И како резултат на таа соработка веќе има интерес и од училиштата и градинките да компостираат. Оттука јасно е дека е од исклучителна важност да се спојуваат сите чинители во заедницата да имаме голем и траен бенефит во однос на заштитата на природата.“ –вели Марија Ефтимовска, проектен менаџер на и Здружението Еко Герила Преспа.

Од основното училиште „Мите Богоевски“ во ресенското село Јанковец велат дека и децата и наставниците се свесни за сите ризици кои ја загрозуваат животната средина во Преспа, пред се големиот број диви депонии. Ова им дало поттик да се вклучат во различни еколошки активности и да ја заштитат природата во која живеат и од која живеат.

„Нашата желба како образовен кадар е да изградиме една генерација која ќе биде одговорна, која ќе се однесува правилно и нормално и ќе ја штити природата. Но, покрај формалното образование многу важно е и неформалното образование, односно искуственото учење. Ги одбележуваме сите меѓународни денови поврзани со екологија, редовно реупотребуваме хартија, пластика, стакло. Учестуваме во генералка викенд, како и во сите еколошки акции и проекти кои многу значат за чиста животна средина.“-вели Даринка Веслиевска, наставничка во ОУ „Мите Богоевски“ во село Јанковец.

Инаку, овој прилог е подготвен во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина”, со што Тера телевизија ја поддржува кампањата за управување со отпад што ја спроведува Институтот за комуникациски студии.