По 46 дена пауза, централната кујна во РЕК Битола повторно е ставена во функција, откако официјалните анализи потврдија дека во храната и просториите не е пронајдена бактеријата салмонела. Објектот, со кој управува компанијата „ЕСМ Молика“, доби дозвола за продолжување со работа по завршените инспекциски контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Центарот за јавно здравје.
Според официјалните наоди, мострите земени од храната послужена на денот кога беше пријавено труење на работници, вклучително и од лазањите, биле негативни на бактериолошко присуство. Негативни биле и брисевите од работните површини, садовите и кујнскиот прибор, со што било утврдено дека се почитувале хигиенските стандарди.
И покрај тоа што инспекциските контроли не откриле присуство на бактеријата во кујната, кај 24 работници од РЕК Битола кои побарале медицинска помош било потврдено присуство на салмонела од групата Д, а стотина вработени се пожалија на здравствени проблеми. Затоа ќе биде поднесена кривична пријава против непознат сторител, со цел да се утврди како дошло до заразување на работниците.
Кујната во РЕК пак работи, не се знае како се затруле работниците












