Битолските советници дадоа зелено светло за предлогот на Димитар Кузмановски од ЛДП за проширување на досегашната парична помош за семејствата со деца со попречености. Новиот пакет мерки има за цел да го олесни секојдневието на овие семејства преку конкретна финансиска, терапевтска и логистичка поддршка.
Кузмановски предложи доделување ваучери за деца со попречености за дефектолошки и логопедски третмани.
Образложувајќи ја иницијативата, советникот посочи дека државните кадри се преоптоварени, поради што семејствата се принудени да бараат спас кај приватни стручни лица, што претставува огромен финансиски товар.
„Тие деца секојдневно посетуваат дефектолози и логопеди. Бидејќи ваквите кадри што работат државно се презафатени, често посетуваат и приватни експерти каде што, според кажувањето на родителите, еден час стана вистински луксуз и чини 1.000 денари. Според тоа, на овие деца им е потребен ваучер што ќе можат да го користат“, изјави Кузмановски.
Неговиот предлог предвидува и олеснување на мобилноста, односно бесплатен автобуски превоз и бесплатен паркинг во градот за родителите на деца со аутизам, како и директна финансиска помош односно доделување на еднократна парична помош.
Причината за ова е што во ваквите семејства најчесто едниот родител е принуден да остане дома и да се грижи за детето, наместо да биде во работен однос, што дополнително ги намалува семејните приходи.
Следен чекор е општинските служби да ги разгледаат предложените мерки и да најдат соодветниа правна и социјална рамка за нивна примена во пракса.












