ТЕРА

REKLAMA???

Свеченост што го „празни“ семејниот буџет – еден матурант чини над 1.000 евра

Месецот мај традиционално е во знакот на младоста, насмевките и матурските дефилеа. Низ улиците на македонските градови веќе наголемо се чувствува празничната атмосфера, а социјалните мрежи се преплавени со фотографии од дотерани средношколци кои го означуваат крајот на едно важно животно поглавје.


Но, зад гламурот, рефлекторите и убавите желби се крие другата, помалку гламурозна страна на приказната – големите финансиски издатоци со кои се соочуваат родителите. Во услови на зголемени трошоци за живот, матурската прослава стана сериозен луксуз за кој едно просечно семејство треба да издвои најмалку две просечни плати. Трошоците за само еден матурант лесно ја надминуваат границата од 1.000 евра, претворајќи ја оваа вечер во вистински финансиски предизвик.


За да се подготви еден матурант за свечената вечер, списокот на трошоци е долг. Цените на облеката, обувките и рестораните се високи така што да се слави матура, финансиски е слично како да се прави свадба.


За свечен матурски фустан или машки костум (палто, панталони и кошула) цените се движат од 100 евра до преку 25.000 денари, во зависност од тоа дали се купува од домашен бренд или се работи за креација од познат моден дизајнер. Не се ретки и тие кои за да се дотераат за матура, а да не наликуваат на другите матуранти по облека одат во Солун или во некоја од другите соседни метрополи, што трошоците ги зголемува соодветно на трошокот за пат и престој во деновите за шопинг.


Квалитетни машки или женски свечени обувки чинат меѓу 3.500 и 8.000 денари.


По трошоците за свечена вечера во ресторан, што го вклучува менито за самата матурска вечер, тука се и трошоците за домашна прослава. Тие се уште и повисоки за оние кои ќе се одлучат прославата за блиските и роднините да ја прават во кафеана или да порачаат кетеринг.


Веќе стана вообичаено девојките да користат професионални услуги за убавина и естетика за да блеснат во матурската ноќ. Професионална шминка и фризура чинат од 3.000 до 6.000 денари, додека маникирот и другите козметички третмани додаваат барем уште 2.000 денари на сметката.


Тука се секако и дополнителните трошоци: Фотографии, изнајмување автомобил или такси превоз, како и џепарлак за самата вечер – што секако дополнително ги чини родителите.
Всушност најголемиот притисок е токму врз родителите кои велат дека матурата е убав момент, но сериозен финансиски предизвик.


Сè почесто социјалниот притисок ги принудува родителите да трошат и над своите можности. Некои од нив признаваат дека за да го дотераат своето дете за матура како што „доликува“, принудени се да подигнуваат потрошувачки кредити или да позајмуваат пари.


„Забавите веќе не се само свечен чин за завршување на средното образование, туку станаа натпревар кој повеќе ќе потроши и кој поскап бренд ќе облече. Сè е прескапо. Само за фустан и чевли потрошивме многу средства, а каде се рестораните за роднините, шминките, фризурите… Ова е убав настан, но финансиски нè исцрпи до крај“- вели мајка на матурантка од Битола.


Економските аналитичари и психолозите апелираат на умереност, потсетувајќи дека поентата на матурата е дружењето и славењето на зрелоста, а не материјалниот престиж. Сепак, традицијата во Македонија налага дека „за матура и свадба не се штеди“, па така трговците и рестораните и оваа година ги задоволуваат потребите на пазарот кој, без оглед на цените, не престанува да троши.