Фестивалот се одржува на 22 мај ( петок) во Прилеп и на 23 мај (сабота) на Рудина, Долнени.
Отворањето на фестивалот е од 18 часот пред Камената бина на плоштадот „Александрија” во центарот на Прилеп. В сабота, од 18 часот, на Рудина, Долнени е втората фестивалска вечер.
Доколку временските услови се несоодветни, со врнежи, отворањето, односно, првата фестивалска вечер ќе биде во Големата сала од Центарот за култура „Марко Цепенков”.
Фестивалот на Народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски” со 52-годишна традиција е еден од ретките кои изворно ги негува традициите на изворниот мелос, свирењето на гајдата, кавалот, тапанот, кемането и на изворната песна, наследство со векови и генерации кое во последните години побудува сѐ поголемо внимание за изучување кај младите генерации, што е една од заложбите на Фестивалот.
Се очекува да учествуваат преку 250 изведувачи на изворниот мелос од сите краишта на Македонија.
Фестивалот на најуспешните изведувачи, а ги има од 7 до 77 години, ќе им додели награди, а најдобриот гајдаџија ќе ја добие наградата „Гајдата на Пеце” што ја доделува општина Долнени.













