Градежните активности за поставување на нов семафор на Камен мост во Битола денеска предизвикаа застој во сообраќајот во строгиот центар на градот.
На оваа локација се изведуваат градежни работи за инсталирање на светлосна сообраќајна сигнализација, со цел долгорочно подобрување на безбедноста и протокот на возила и пешаци. Сепак, одлуката оваа фреквентна улица целосно да се затвори за сообраќај во најнесоодветното време од денот, наиде на реакции од граѓаните.
„Буквално сме заглавени во центарот. Неразбирливо е како вакви клучни зафати, кои бараат целосна блокада на улица, се прават среде бел ден, наместо во доцните вечерни часови или за време на викенд“, реагира револтиран битолчанец кој се затекна во сообраќајниот метеж.
Поради затворената премин-зона кај Камен мост, сообраќајот се пренасочува по околните улици.
Граѓаните апелираат до надлежните општински служби и изведувачите во иднина подобро да го координираат тајмингот за инфраструктурни интервенции, со цел да се избегне целосна парализа на градот во најфреквентните часови.
Се поставува семафор во „шпицот“ на денот – сообраќаен застој во центарот на Битола
















