ТЕРА

REKLAMA???

БитФест почнува, а буџетот за свеченото отворање засега останува тајна

Со свечено отворање започнува годинашното издание на БИТ ФЕСТ, најголемата летна културна манифестација во Битола. Но, наместо детали за програмата и финансиската конструкција на фестивалот, јавноста доби повеќе прашања отколку одговори.

Најновиот мјузикл на македонската театарска сцена поставен од режисерот Дејан Пројковски, по музика на Влатко Стефановски од албумот Као Какао и текст на Венко Андоновски ќе биде главниот настан за свеченото отворање на битолското културно лето препознато како БитФест.

Денеска дел од продукцискиот тим со претставникот на продукциската куќа присуствуваа на прес конференцијата најавена и водена од директорот на Културниот и информативен центар ( КИЦ) Битола. Сепак, на прес-конференцијата по повод свеченото отворање, организаторите не соопштија колкав ќе биде конечниот буџет на фестивалот ниту како ќе се распределуваат средствата. Не соопштија ниту колку ќе ја чини установата свеченото отворање.

На новинарско прашање за финансиската конструкција, одговорот беше дека јавноста ќе треба да почека до крајот на фестивалот.

Директорот Димитар Михајловски на конкретното новинарско прашање одговори
„Значи, овој проект, , е дел од целиот фестивал Битфест. Програмата сè уште се крои, не е готова и за финансискиот дел одговорно и транспарентно ќе одговориме на крајот на фестивалот, тоа е после затворањето на 29 август.“

Присуството на дел од продукцијата на мјузиклот „Као Какао“ на прес конференција за најава на големото свечено отворање на 18 по ред БитФест беше причина плус да се појасне опфатот на прашањето – колку пари од буџетот на општината односно граѓаните ќе бидат потрошени само за свеченото отворање?

Одговорот не беше поинаков, Директорот рече:

„Фестивалот е жива материја, значи ќе трае некаде околу два месеци. Во тие два месеци има предвидени проекти. Може дел ќе нема да се одржа, затоа што сега не можеме да зборуваме ништо за финансиите во моментот. Тоа ќе го кажеме по завршувањето на фестивалот.“

Тој денеска не одговори ниту дали за свеченото отворање се предвидени влезници и која е нивната цена. Тоа е предмет на разговор и очигледно договор по оваа пресс конференција.

Продуцентот на претставата, претставникот на Баги продукција не беше прашан, ниту тој пак почувствува одговорност да помогне на организаторот на БитФЕст и фактот дека се трошат пари на граѓаните.

На забелешката дека прес-конференцијата се одржува без присуство на претставници на Општина Битола и без конкретни информации за буџетот, беше одговорено дека финансиската конструкција сè уште се подготвува.

Оттука и неколку отворени дилеми и прашања – јавноста очекува организаторот да располага барем со основна финансиска рамка. Колку пари ќе бидат дадени за свеченото отворање, колку за другите програмски активноси, кои средства се обезбедени, од каде.

Годинава според буџетот Програмата за култура превидува 20 милиони денари и триста илјади денари или над 325 илјади евра. Во неа се вброени сите традиционални настани манифестации и фестивали – меѓу нив Илинденски денови, Браќа Манаки, детските фестивали, Интерфест и настани и, манифестации за БитФест за кои се предвидени 3 милиони и двесте илјади денари или околу 52 илјади евра.

Денешната прес конференција ја отвори сезоната на БитФест во градот. Истовремено и сезоната на дилеми , дали планирањето за трошењето на парите е направено навремено и дали јавноста ќе има доволно јасни информации додека ужива во настаните кои по традиција се бесплатни.

Следната прес конференција на организаторот – КИЦ или Општина Битола ќе треба да понуди информации кои транспарентно ќе го задоволат правото на граѓаните колку ќе чини фестивалот, колку пари ќе бидат најголемите ставки  – за што и за кого.