ТЕРА

REKLAMA???

500.000 евра за документација, 20 милиони за реализација

500.000 евра за документација, 20 милиони за реализација ! Општината брза со привремено решение за плоштадот „Гоце Делчев“.  И пак без прецизни пари.

Наместо почеток на реализацијата на проектното решение за строгиот центар на Битола, кое предвидува подземни сообраќајници, деловен простор на две подземни нивоа и партерно парковско уредување на просторот каде што денес се наоѓа паркингот пред Центарот за култура, Општина Битола започна процес на форуми за изнаоѓање привремено решение.
Според информациите презентирани на денешниот втор форум, околу 500.000 евра би биле потребни само за изработка на техничката документација за проектот кој Општината го изработила пред 13 години. Според денешните цени, целосната реализација на проектот би чинела околу 20 милиони евра.
На почетокот на месецот градоначалникот побара од Јавното претпријатие за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг изработка на основен сообраќаен проект за воведување пешачка зона на плоштадот. Денеска пак продолжи форумскиот процес на кој од стручната и пошироката јавност се бараат идеи и предлози кои, според организаторите, треба да дадат насока за идно уредување на просторот и воведување нови содржини.
Сè е во ред, освен кога се поставува прашањето дали станува збор за нов концепт или за парцијална реализација на веќе постоечки проект?
Имено, претворањето на паркингот пред Центарот за култура во пешачка зона претставува само еден сегмент од проектот изработен во 2013 година. Во истиот проект се опфатени и семафорските решенија кај Епинал, кои веќе се реализирани.
Проектот предвидува и две подземни сообраќајници. Едната започнува од раскрсницата кај „Гроздот“, а другата од раскрсницата на улиците „Димче Илиевски Муратот“ и „Пеце Матичевски“, во близина на Основното училиште „Гоце Делчев“. Предвидена е и катна гаража зад зградите на ЈАТ, како и две подземни нивоа под сегашниот тревнат простор пред Центарот за култура, каде што првично биле планирани туристички информативен центар и деловни простории.
И на денешниот форум, како и на претходниот, своите ставови ги изнесоа експерти и претставници на јавноста. Претставници на битолските ликовни уметници презентираа сопствени предлози за уредување на просторот.
По завршувањето на форумите, Општината ќе треба да спроведе низа постапки кои исто така ќе имаат финансиски импликации, почнувајќи од конкурс за идејно решение, па сè до евентуална реализација на привременото решение.
Оттука се наметнуваат неколку прашања од јавен интерес. Дали Општината смета дека проектот од 2013 година повеќе не е применлив? Дали форумите претставуваат консултативен процес или подготовка за парцијална реализација на делови од постојниот проект? И конечно, дали привременото решение има потенцијал да стане трајно решение?
Особено ако се земат предвид неформално споделените проценки за потребни 500.000 евра за документација, околу 20 милиони евра за реализација и временска рамка од четири до пет години за изградба на целиот проект.
Образложението на Општината е дека промените се неопходни поради безбедносни и еколошки причини, односно потребата од намалување на сообраќајот и загадувањето во строгиот центар на градот.
Сепак, останува обврската локалната самоуправа јасно да одговори колку средства се трошат за форумскиот процес, зошто во изминатиот мандат не беше започната подготовка за обезбедување финансии за реализација на постојниот проект и дали сегашните активности претставуваат нова визија за центарот на Битола или само уште едно одложување на проект кој веќе 13 години постои на хартија..