ТЕРА

REKLAMA???

„ГОСПОЃА БОВАРИ“ – ВЕЧНАТА ПРИКАЗНА ЗА ЉУБОВТА, ИЛУЗИИТЕ И СУДИРОТ СО РЕАЛНОСТА Е НОВАТА ПРЕМИЕРА НА БИТОЛСКИОТ НАРОДЕН ТЕАТАР

Еден од најзначајните романи на светската книжевност добива нов сценски живот во Битола. На 25 јуни, со почеток во 20 часот, на големата сцена на Народниот театар Битола премиерно ќе биде изведена претставата „Госпоѓа Бовари“, според истоимениот роман на францускиот великан Гистав Флобер, во режија на Дејан Пројковски.

Оваа драмска поставка ја отвора интимната и сложена приказна за Ема Бовари – жена заробена меѓу сопствените копнежи и ограничувањата на времето во кое живее. Нејзината потрага по љубов, страст и поинаков, исполнет живот постепено се претвора во трагичен судир меѓу идеалите и суровата реалност.

Преку приказната за Ема Бовари, претставата зборува за универзални човечки теми кои и денес остануваат актуелни – потребата да бидеме сакани, желбата за слобода, разочарувањето од несоодветните избори и последиците кога сонот и реалноста не се сретнуваат.

Режисерот Дејан Пројковски создава сценски свет заедно со авторски тим составен од асистентот на режија Андреј Цветановски, драматургот Сашо Димовски, сценографот Валентин Светозарев, костимографот Андреј Ѓоргиевски, кореографката Олга Панго, композиторот Горан Трајкоски, видеодизајнерот Сергеј Светозарев, светло-мајсторот Игор Мицевски, тон-мајсторот Александар Димовски, видеооператорот Владимир Переловски, инспициентот Оливер Петровски и суфлерката Гордана Михајловска.

Во центарот на сценската приказна е Маја Андоновска-Илијевски во улогата на Ема Бовари. Во актерската екипа се и Иван Јерчиќ како Шарл, Огнен Дранговски како Родолф, Никола Стефанов како Леон, Мартин Мирчевски како Лере, Сандра Грибовска-Илиевска како Слугинката, Петар Мирчевски како Свештеникот, Борче Ѓаковски како Исус Христос и Ива Лазарова како ќерката на Ема и Шарл.

По повеќе од 160 години од објавувањето на романот на Флобер, „Госпоѓа Бовари“ останува приказна за човекот кој бара повеќе од она што му го нуди светот околу него – тема која и денес продолжува да провоцира, вознемирува и инспирира.