ТЕРА

REKLAMA???

Битолчани со јасни пораки за квалитетот на јавниот превоз

Јавниот превоз не е само средство за патување од една до друга точка. тој е дел од функционирањето на еден град – дали младите ќе можат да останат подолго во центарот, дали постарите ќе имаат достапна услуга и дали граѓаните ќе имаат реална алтернатива за автомобилите.

Автобус со клима во летните горештини, редовни линии доцна навечер и сигурност дека превозот ќе пристигне кога е потребен. Ова се најчестите барања на битолчани кои ги споделија своите ставови во анкетата за состојбите со јавниот превоз во градот.

Граѓаните велат дека проблемите се секојдневни, од нередовноста на автобусите, до недостатокот на линии во вечерните часови. Особено се посочува проблемот со превозот кон Оризари  и Брусничка населба. Таму  жителите бараат автобусите да сообраќаат и по 20 часот.

За младите, велат анкетираните, тоа значи можност безбедно да излезат во град и навреме да се вратат дома, а за повозрасните граѓани полесно завршување на секојдневните обврски без зависност од други.

Дополнителен проблем кој се повторува во реакциите е состојбата во автобусите во летниот период. Патниците бараат возилата да бидат климатизирани, бидејќи високите температури и гужвите создаваат непријатни услови за патување.

Но, проблемот со јавниот превоз во Битола не е само прашање на удобност. Најголемата забелешка е дали автобусот ќе пристигне навреме и дали патникот може да го планира своето движење.

Еден од анкетираните зборува дека во фирмите за задоцнување се казнува, ама нема кому да реагираат ако автобусот задоцни.

Одговорноста, според соговорниците, е поделена на три страни.

Првата е Општина Битола, која ги креира правилата на системот, ги доделува линиите и треба да врши контрола дали договорените услови се исполнуваат.

Втората се сопствениците на автобусите и превозниците кои ги добиле општинските линии. Од нив се очекува почитување на возниот ред, одржување на возилата и обезбедување квалитетна услуга.

 

Третата страна сме ние граѓаните, бидејќи функционирањето на јавниот превоз зависи и од користењето на услугата, плаќањето билети и одговорното однесување во автобусите.

Отворено е прашањето дали Битола ќе добие систем кој ќе одговара на потребите на граѓаните или ќе продолжи да функционира со проблеми кои се повторуваат со децении.