Локалната власт во Битола предлага енормно зголемување на цените за користење на спортските објекти. Според новата предлог-одлука која ќе се најде на седницата на Советот закажана за вторник, цените за тренинзи, натпревари, рекреација и комерцијални настани во спортската сала „Боро Чурлевски”, стадионот „Петар Милошевски”, кугланата и терените со вештачка трева драстично се зголемуваат. Во дел од ставките зголемувањето оди до 200%, 300%, па дури и над 1800 проценти!
Тренинг во големата сала од досегашни 900 денари ќе чини 1.500 денари без греење, а 2.500 денари со греење. Натпреварите од прва лига во салата од 4.000 денари скокаат на 12.000 до 15.000 денари.
Во кугланата, еден тренинг по патека од 400 денари се качува на 600 денари без греење, односно 1.200 денари со греење, што значи тројно поскапување во зимски услови. Домашните натпревари во кугланата од 620 денари ќе чинат 3.500 денари без греење и 6.620 денари со греење, односно зголемување од над 960%.
На фудбалскиот стадион „Петар Милошевски”, тренинг термин од 18.450 денари се зголемува на 24.450 денари. Натпреварите од прва лига од 18.450 денари поскапуваат речиси двојно – од 18.450 денари на 36.200 денари.
На теренот со вештачка трева, надоместокот за натпревар од прва лига се зголемува од 4.000 на 15.000 денари, од втора лига од 3.000 на 9.000 денари, а меѓународен натпревар од 6.000 на 24.000 денари.
Рекреативното користење на големата сала од 900 денари се качува на 2.500 денари, а со греење дури 5.500 денари.
Најдрастичен пример е користењето на рефлекторите на стадионот „Петар Милошевски”, каде цената од 12.300 денари се зголемува на 235.587 денари! Тоа е зголемување од над 1815%!
Останува отворено прашањето дали предложените зголемувања се резултат на реална анализа на трошоците за одржување и енергенси, или пак претставуваат поширок обид за зголемување на приходите од спортската инфраструктура. Во секој случај, ваквите измени директно ќе влијаат врз спортските клубови, младинските категории, рекреативците и организаторите на настани, кои ќе се соочат со значително повисоки трошоци за користење на објектите.
Пред конечната одлука, веројатно ќе се слушне и ставот на спортските колективи, клубовите и пошироката спортска јавност, особено ако се има предвид дека овие објекти претставуваат клучна инфраструктура за развојот на спортот во Битола.













