Иако заложбите за почиста средина и селекција на отпадот се честа тема во јавноста, реалноста на терен во Битола покажува нешто сосема поинакво. Наместо подигање на еколошката свест, контејнерите за селектирање отпад во населбата Нова Битола станаа локација за уште една грда слика во градот.
Екипата на ТВ Тера денеска затекна поразителна глетка. И покрај тоа што се поставени посебни канти наменети за различен вид отпад, просторот околу нив е претворен во мини-депонија. Пластични шишиња, картони, кеси со секојдневен смет и најразличен отпад се расфрлани наоколу, на само неколку сантиметри од кантите за регуларно депонирање на отпадоци.
Она што дополнително загрижува и боде очи е фактот што самите канти за селекција се полупразни. Ова јасно укажува дека проблемот не е во недостигот на капацитет или нередовното празнење од страна на комуналните служби, туку во навиките на дел од граѓаните.
„Жално е ова што се случува. Сакаме европски град, а немаме навика да го фрлиме ѓубрето таму каде што му е местото. Кантите се празни, а сè е расфрлано околу нив“, коментира револтиран жител на населбата.
Ваквите слики не само што го нарушуваат естетскиот изглед на една од најголемите битолски населби, туку претставуваат и потенцијална опасност за ширење на зарази и непријатна миризба, особено во овие летни денови кога температурите се мошне високи.
Останува отворено прашањето: Како да се реши овој долгогодишен проблем со комуналната некултура? Дали се потребни поригорозни казни, засилен инспекциски надзор или пак поинтензивни едукативни кампањи за подигнување на свеста дека чистата животна средина зависи од секој поединец.
Кантите за селекција полупразни, ѓубрето расфрлано околу нив












