ТЕРА

REKLAMA???

Во кичевскиот регион со години нелегално се поставуваат железни стапици

Потресната судбина на срната Бамби, која деновиве ја бранува и расплакува македонската јавност, одамна престана да биде само трогателна приказна за спасување на едно повредено животно. Овој случај, кој во јавноста го изнесе здружението „Анимал Рескју Проџект“, буквално го соголи системскиот мрак во државата и отвори серија тешки прашања.

Зад емотивните редови на активистите се крие суровата реалност за тоа што всушност се случува во македонските шуми. Додека луѓето сочувствуваат со маките на преплашеното диво животно, на виделина излезе загрижувачкиот факт дека во кичевскиот регион со години нелегално се поставуваат железни стапици. Овие нелегални замки не бираат жртви, а во нив со денови во најтешки маки страдаат диви животни за кои никој не зборува. Во случајот со Бамби, последиците се ужасувачки – три од нејзините четири нозе се практично пресечени, мртви и со длабоки инфекции. Ова го отвора итното прашање кој воопшто ги контролира нашите шуми, кој ќе сноси одговорност за овие монструозни дела и што ќе се случи ако утре во една ваква скриена стапица настрада човек.

Македонија едноставно нема систем за менаџирање со повредени диви животни. Земјата не располага со ниту еден специјализиран државен центар за рехабилитација на диви животни каде што тие би го добиле соодветниот ветеринарен третман, па оваа обврска редовно паѓа на грбот на хумани поединци и приватни амбуланти.

Активистите се наоѓаат во еден вид правен парадокс, бидејќи како здруженија немаат ниту законска надлежност да чуваат и лекуваат диви заштитени видови, но се принудени да реагираат за да не ги остават животните да умираат во шумите во најтешки маки.

Ситуацијата станува уште побезнадежна кога ќе се земе предвид дека законите практично им ги врзуваат рацете на спасувачите; бидејќи станува збор за заштитен див вид, законски е строго забрането животното да се транспортира преку граница за евентуално понапредно лекување или ортопедски третман во странство.