ТЕРА

REKLAMA???

Блазе си му на ВМРО-ДПМНЕ со ваква „опозиција“

Додека Битола се гуши во нереализирани капитални проекти, сомнителни јавни набавки и хроничен урбан хаос, Општинската организација на СДСМ Битола реши да води “висока” политика со неисечени гранки и неискосена треба во Пелагонија и подпелистерските села. Најновото соопштение на партијата, во кое патетично се алармира за „намалена прегледност“ на патот кон село Драгош, не само што е политички аматеризам, туку е навреда за интелигенцијата на битолчани.

Ова е класичен пример за опозициско слепило. Во градот каде што со години се зборува за мал милион сомнежи за незаконско работење, каде што буџетот се троши на сомнителни јавни набавки и партиски вработувања во јавните претпријатија, а капиталните инвестиции се сведени на козметика, СДСМ Битола глуми комунална инспекција.

Прашањето кое неминовмо се наметнува е дали во ОО СДСМ Битола остана барем еден политички писмен стратег кој разбира што е примарна задача на една опозиција?

Наместо жестоки, аргументирани прес-конференции со документи кои го тресат деноноќното комотно владеење на Коњановски и ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ нуди „празни муабети“ против туѓите „лажни ветувања“. Со вакви теми, тие не ја напаѓаат власта, туку ја амнестираат. Градоначалникот Тони Коњановски и локалното мнозинство буквално можат да здивнат и да слават. Со ваква анемична опозиција, фотелјите им се посигурни од било кога.

Руралните средини заслужуваат внимание, тоа е неспорно. Но, кога тоа ти е главен опозициски адут во град со десетици нерешени урбанистички и финансиски скандали, тогаш тоа не е грижа за граѓаните. Тоа е чист дефетизам и немоќ. Битолската јавност веќе не чувствува само разочарување, туку потсмев и револт. Партијата која претендира некогаш повторно да ја води Битола, моментално делува како да не знае, или уште пострашно како намерно да не сака да чепне таму каде што навистина боли.

П.С. Го има некој видено да излезе во јавност новиот претседател на СДСМ Битола, Зоран Стојчевски?

Редакциски коментар