Наместо одговори и јасна стратегија за иднината, скандалите во КК Пелистер незапирливо се множат. Додека спортската јавност сè уште чека објаснување зошто е раскинат договорот за спонзорство со Таскфорс, стигна нов шок од кујната на Општина Битола. Димитар Богоевски – Бавчата бил назначен, па експресното разрешен од извршен директор на клубот бидејќи едно од предложените имиња за негови соработници не било по мерка на раководството на Општина Битола.
Овие срамни причини за прекинот на соработката со Димитар Богоевски не се разбирливи за луѓето што го сакаат спортот, што го сакаат Кошаркарскиот клуб Пелистер.
Проблемот воопшто не бил во спортскиот план, засилувањата или визијата за младинскиот погон. Проблемот настанал во моментот кога Богоевски дошол со подготвен тим од професионалци, но на општинските функционери не им се допаднало едно конкретно име од таа листа. Заради фактот што тоа име не го поминало филтерот за подобност, целата стратегија за развој на клубот била фрлена во вода за пет минути брз да се земе во предвид кошаркарскиот квалитет .
Овие турбуленции во КК Пелистер и во Општина Битола кои денес излегуваат во јавност, говорат дека општината свесно тактизира и молчи за состојбите во клубот, а зад сцената работите се одвивале со голема брзина за да се покрие скандалот пред да ескалира. За разлика од именувањето на Димитар Богоевски кое никогаш не беше јавно објавено и остана тајна, од КК Пелистер (читај општината) официјално потврдија дека за нов извршен директор за претстојната сезона е именуван Предраг Созовски. Ова назначување фрла сомнеж дека општината, која е сопственик на клубот, нема намера да го најде најдоброто можно решение за иднината на КК Пелистер, туку најподобниот, по мерка на градоначалникот и секретарот.
Но, битолчани имаат право да знаа дали парите на граѓаните на Битола се користат за спорт или нешто друго е во прашање?
Општина Битола мора да престане да се крие зад молкот и на сите новинарски прашања да одговара на непостоечка прес-конференција. Сите наши обиди да дојдеме до повеќе информации за скандалите во КК Пелистер, завршија со истиот, веќе излитен одговор: „клубот ќе одржи прес-конференција каде што ќе бидат одговорени сите прашања“. А, таа прес-конференција со денови е фантомска. Ќе се случи кога градоначалникот и секретарот ќе оценат дека се спремни за јавноста ?
Политика пред професионализам: Кој во тимот на Димитар Богоевски – Бавчата беше неподобен за општината и причина за експресен отказ во КК Пелистер?











