Како единствена светла точка на денешната седница на Советот на Општина Битола, советниците едногласно ја изгласаа одлуката со која се овозможува бесплатно паркирање на јавните паркиралишта на ЈП „Паркинзи“ за лица со аутистичен спектар. Оваа мерка доаѓа како директна поддршка за лицата со попреченост и нивните семејства, прифаќајќи ги долгогодишните барања на родителите на деца со аутизам.
Според донесената одлука, повластената паркинг карта ќе може да се користи на вкупно девет паркинг зони во градот, и тоа: Б1, Б2, Б5, Б7, Д1, Х1, А8, А10 и А2.
Право на ваква картичка имаат физички лица кои имаат регистрирано живеалиште или престојувалиште во Општина Битола. Повластената карта се издава исклучиво за едно патничко моторно возило, гласи на конкретно име и не е пренослива на други лица или возила. Важноста на картичката е со рок од една година.
Потребната документација за остварување на ова право, граѓаните треба да ја достават поединечно со поднесување соодветно барање до просториите на ЈП „Паркинзи“ – Битола.
Битола воведува бесплатен паркинг за лица со аутистичен спектар











