ТЕРА

REKLAMA???

СДСМ Битола молчи додека се отвора едно од најважните прашања за партијата

Молк од СДСМ Битола за едно од најважните прашања што во моментов се отвора во партијата. Претседателот на битолскиот огранок, Зоран Стојчевски, и членот на Извршниот одбор на СДСМ од Битола, Драган Крајовски, не одговорија на прашањата на нашата редакција, ниту, пак, на телефонските повици во врска со најавената седница на Извршниот одбор на која ќе се разговара за последните случувања поврзани со иницијативата “Разговори за иднината во 12:05”.

Редакцијата испрати прашања до првите луѓе на СДСМ Битола со цел да открие дали Општинската организација расправала за оваа актуелна тема, дали има изграден официјален став и дали тој став ќе биде застапуван на седницата на Извршниот одбор на СДСМ.

Во јавноста веќе се појавија информации дека Извршниот одбор на СДСМ ќе расправа за понатамошниот однос кон членовите кои учествуваат во Иницијативата „12:05“, како и за статусот на дел од актуелните функционери кои се поврзуваат со иницијативата.

Доколку тие информации се точни, сосема оправдано се поставува прашањето дали претставникот на Битола во Извршниот одбор ќе настапи со став на Општинската организација или со сопствено мислење.

Доколку Општинската организација никогаш не расправала за ова прашање, тогаш легитимно се отвора дилемата врз основа на што членот на Извршниот одбор од Битола ќе учествува во расправата за едно од најчувствителните прашања во партијата.

Молкот во вакви ситуации не остава впечаток на единство, туку отвора сомнеж дека локалните организации немаат суштинска улога во креирањето на партиските политики, туку само ги следат одлуките што ќе бидат донесени во Скопје.

Но, прашањето не е само дали јавноста заслужува одговор. Пред сè, одговор заслужуваат членовите на СДСМ Битола. Токму тие имаат право да учествуваат во креирањето на ставовите на својата општинска организација за сите важни политички прашања, особено за оние што директно се однесуваат на иднината на партијата.

Партија во која членовите немаат право да го креираат ставот, а локалните организации немаат храброст или волја тој став да го пренесат до највисоките органи, постепено престанува да биде организација на своето членство. Се претвора во структура во која одлуките се спуштаат од врвот, а од базата се очекува само тишина и послушност.

На крајот, прашањето не е дали Стојчевски и Крајовски ќе одговорат на новинарските прашања. Прашањето е дали ќе им одговорат на членовите на СДСМ Битола. Затоа што токму тие им ја довериле обврската да ги претставуваат, а не да молчат во нивно име.