Битолската ликовна сцена е збогатена со нова уметничка свежина. Во просторот на галеријата „Ранко Струмениковски“ во Битола, пред бројна публика, свечено беше отворена првата самостојна изложба на д-р Лидија Стефановска, насловена „Етеричен хербариум“. Поставката е импресивна по својот обем и вклучува дури 130 ликовни дела изработени во различни формати, кои според зборовите на авторката, претставуваат „траги од времето и спомени зачувани во тишина“.

За значењето и карактеристиките на творештвото на Стефановска говореше д-р Драган Ристевски.
Ликовниот критичар Владо Ѓоревски направи поширок осврт на историскиот и духовниот контекст на мотивот. Тој рече дека уметничката Стефановска приоѓа со исклучителна искреност и стилска разноликост, а нејзината визија ја остварува преку чисти бои нанесени директно на платното, користејќи специфична техника која на делата им дава стаклен и проѕирен сјај без класично нијансирање. Оваа изложба е нејзин личен дневник кој комуницира со реалноста и времето, вели тој.

Поддршката од семејството присутна во целиот уметнички процес, доби своја кулминација и на изложбата.

Дел од семејството допатува дури од САД за да биде дел од изложбата во Битола.

Лидија Стефановска, иако по професија е етаблиран специјалист ортодонт со завршен Стоматолошки факултет во Скопје, таа со оваа изложба докажува дека научната прецизност и уметничката слобода можат совршено да егзистираат во една личност. Изложбата во галеријата „Ранко Струмениковски“ останува отворена за сите љубители на современиот ликовен израз.












