По цели 72 дена во длабока илегала, “тешка” внатрешна консолидација и пребројување на преостанатите партиски војници, Битола конечно го дочека историскиот миг – Зоран се јави!
Новиот претседател на СДСМ Битола, Зоран Стојчевски, реши да излезе пред камерите за првпат откако е назначен и, фала му на Бога, ни соопшти дека… всушност, нема што да каже.
Откако јавноста речиси два и пол месеци се прашуваше дали првиот социјалдемократ во Битола воопшто постои или е само урбан мит, тој се појави со револуционерно признание: „Во изминатиот период бев помалку присутен во јавноста“.
Навистина? Никој не забележа, Зоране!
Приоритет му било формирањето „силен тим“, веројатно за да има кој да му аплаудира на прес-конференцијата на која прочита текст полн со општи фрази што секој четвртоодделенец може да го напише на час по Општество.
На денот кога претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и министерката за образование прошетаа низ Битола со сиот свој ПР-арсенал, Стојчевски собра храброст да каже дека премиерот се фотографирал, а патиштата биле оштетени. Епохално откритие! Битолчани сигурно не знаеја дека патот до Прилеп е дупка до дупка, па мораше Стојчевски да им ги отвори очите. Најави дека отсега ќе биле „гласен критичар“ и ќе нуделе „конкретни решенија“. Ако конкретните решенија им се брзи како првото јавување на претседателот, Битола ќе почека до наредниот век!
Но, забавата не завршува тука. Дека во СДСМ владее тотална глувонема координација покажа и обидот на нашата редакција да дознае што всушност прават битолските кадри на централно ниво. Откако Стојчевски и членот на Извршниот одбор од Битола, Драган Крајовски, решија колективно да си ги исклучат телефоните и да го игнорираат новинарскиот интерес за тоа дали Битола воопшто изградила став пред партиската седница на Извршниот одбор, решивме да го прашаме генералниот секретар, Александар Саша Димитријевиќ.
А, одговорот на овој партиски бирократ? Класичен, учебнички пример за „продавање скопска ароганција“ среде Битола! Човекот ладнокрвно, од висината на својата фотелја на Бихаќка, ни порача дека заклучоците од седницата биле јавно соопштени. Со други зборови, ни демонстрираше чиста скопска препотенција и презир кон локалните медиуми, порачувајќи ни: „Што нѐ замарате вие од провинцијата со прашања, читајте си ги соопштенијата и не туку чепкајте дали битолските социјалдемократи воопшто знаат со кој став отишле во Скопје“.
По партиските кулоари и чаршијата веќе на големо се тера мајтапот „Зоран се јави, ама ништо не кажа“, додека од Скопје генсекот секретар арогантно одговара. Ако ова е новото, реформирано и „транспарентно“ лице на СДСМ, тогаш локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ може мирно да спие. Од ваква опозиција, единственото нешто што Битола ќе добие е добра доза смеа.
Зоран се јави! Ама, ништо не кажа!!!












