ТЕРА

REKLAMA???

Институционална спрега на семејството Димитровски?!

Кога станува збор за трошењето на јавните пари, најважни се две работи: законитоста и довербата на јавноста. Токму довербата се отвора како прашање во случајот со секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски.

Димитровски од ноември 2021 година ја извршува функцијата секретар на Општина Битола, највисоката административна функција во локалната самоуправа. Истовремено, според јавно достапни информации, тој е потпретседател на КУД „Илинден“ и коосновач на здружението „Трчај бе“.

Во исто време, неговиот татко, Антонијо Димитровски, е претседател на КУД „Илинден“, додека неговиот брат Никола Димитровски е претседател на Атлетскиот клуб „Олимп“ и еден од коосновачите на здружението „Трчај бе“.
Трите организации во кои членови на истото семејство имаат основачки или раководни функции, според јавно достапните податоци, во периодот 2022–2025 година оствариле вкупни приходи од околу 31,6 милиони денари.

Во истиот период, од буџетот на Општина Битола кон овие организации се исплатени околу 2,94 милиони денари.

Самите бројки не се доказ за незаконско постапување. Но, тие отвораат прашање дали постои ситуација која може да создаде судир на интереси или најмалку перцепција дека постои можност за влијание.

Токму на ова прашање се осврнува и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Во своето мислење, ДКСК предупредува дека кога службено лице кое извршува висока раководна функција е поврзано со здруженија кои користат финансиски средства од буџетот на истата општина, постои сериозен ризик од судир на интереси и се создава оправдана перцепција за можно влијание во процесите.

Комисијата дополнително укажува дека ваквата состојба може да биде проблематична и од аспект на интегритетот, бидејќи секретарот на општината е надреден на административните службеници кои учествуваат во постапките за доделување средства, дури и кога тој лично не е член на комисиите и не одлучува за распределбата.

“Дури и во отсуство на директно учество во одлучувањето, позицијата на секретар на општина по својата природа подразбира влијание, пристап до информации и институционална моќ, што дополнително ја засилува перцепцијата на нееднаква положба на другите учесници во јавниот повик.

Ваквото постапување е спротивно на принципите на транспарентност, еднаквост и етичност, како и на вредностите утврдени во Кодексот на административни службеници и може сериозно да ја наруши довербата на јавноста во законитото и непристрасно функционирање на општината.

Оттука, Државната комисија оценува дека, и покрај формалното непостоење на законска забрана, ВАКВАТА СИТУАЦИЈА Е НЕПРИФАТЛИВА од аспект на интегритет и етичко однесување, а најмногу поради фактот дека лицето е надредено лице на сите вработени во општинската администрација кои се дел од комисиите што ги спроведуваат јавните повици за доделување на финансиски средства”, стои во Мислењето на ДКСК од јуни годинава, објавено на нивниот интернет портал.
Оттука, прашањето што заслужува одговор не е дали споменатите организации имаат право да конкурираат за средства, туку дали ваквата концентрација на семејни, институционални и организациски улоги е во согласност со принципите на непристрасност, еднакви можности и јавна доверба.

Граѓаните имаат право да знаат како се распределуваат нивните пари, но и да бидат уверени дека секој учесник во јавните повици има еднаква позиција и дека не постои ни реален, ни привиден конфликт на интереси.