ТЕРА

REKLAMA???

Мицкоски од Битола: Најголемата опасност за ВМРО-ДПМНЕ не се противниците, туку самозадоволството

Со свечена академија, Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола вечерва одбележа 36 години од своето формирање. На јубилејната прослава присуствуваа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, високи функционери на партијата, целото раководство на АД ЕСМ, претставници на дипломатскиот кор во Македонија предводени од амбасадорот на Австрија, како и почесните конзули на Франција и Црна Гора во Битола, заедно со бројни членови, ветерани, активисти и симпатизери на партијата.


Во своето обраќање, Мицкоски испрати пораки за единство, одговорност и довербата што граѓаните им ја даваат на избраните функционери.


„Роденденот не е само време за спомени и благодарност, туку и момент за искрено да се погледнеме меѓу себе… Довербата не е сопственост на ниту една политичка партија, на ниту една личност. Таа е позајмена од граѓаните“, истакна Мицкоски, додавајќи дека политичарите мора да работат чесно, посветено и одговорно, бидејќи довербата може да биде повлечена кога граѓаните ќе почувствуваат дека личните интереси се ставени пред нивните потреби.


Тој нагласи дека „ниту едно лично несогласување не може да биде поважно од довербата што ни ја дава народот“, а како најважна порака до членството го потенцираше единството.
„Обединувањето не е политичка фраза што ја употребуваме само пред избори, туку начин на однесување кој мора да започне од секој од нас… Затоа секогаш кога ќе се појави недоразбирање, лична суета или обид за поделба, треба да се потсетиме што сме поминале заедно и колку висока цена плаќа партијата, но и Македонија, кога енергијата ја трошиме во внатрешни пресметки наместо проблемите на граѓаните“, порача Мицкоски.


Тој повика на единство околу развојот на Битола, подобриот живот на граѓаните, економски силна Македонија и заштита на националното достоинство, истакнувајќи дека „никој не смее да биде потценет и никој не треба да мисли дека е поголем од организацијата, затоа што функциите се минливи, мандатите завршуваат, но вредностите, пријателствата и делото што го оставаме зад себе се она по кое што ќе бидеме запаметени“.
Осврнувајќи се на јубилејот, Мицкоски нагласи дека „роденденот на ОК ВМРО-ДПМНЕ во Битола не е само уште една годишнина во партискиот календар“, туку потсетник на долгогодишната политичка борба, додавајќи дека „Битола не е обичен град на политичката карта на Македонија“.


На присутните им се обрати и новоизбраниот претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Битола, Горан Исков, кој истакна дека 36-годишниот јубилеј е доказ за истрајноста на организацијата и нејзината силна поврзаност со граѓаните.
„Општинскиот комитет се луѓето – сите досегашни членови, активисти и симпатизери кои несебично го вградија својот труд и енергија во оваа победничка приказна“, рече Исков.


Тој се заблагодари за довербата што му е укажана и порача дека ќе работи на дополнително зајакнување на комитетот.
„Ова за мене е огромна обврска не само да го зачуваме, туку и дополнително да го надградиме она што со години се создавало. Како човек кој лично поминал низ сите партиски структури и изборни циклуси, знам колку е важна секоја алка во тимот. Наш приоритет е Општинскиот комитет да биде место кое ќе ги поврзува сите. Заедно ќе ги градиме партиските ставови, будно слушајќи го гласот на секој поединец“, истакна Исков.


Тој упати јавен повик за соработка до сите граѓани, нагласувајќи дека локалната организација ќе биде постојано присутна на терен.
„Како локална структура ја имаме целосната поддршка од Владата, што веќе се гледа преку финансирањето на бројни важни проекти за нашата општина. Ќе бидеме постојано присутни меѓу народот и бараме од вас да нè коригирате во слабостите и пропустите – затоа што само така ќе бидеме уште подобри. Ако сакаме повисок квалитет на живот за сите, постои само една вистинска опција, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ“, порача Исков.