Искршени плочки, руинирани скали и ѓубре на секој чекор. Вака накратко изгледа секојдневието на битолчани кои пазаруваат или живеат во близина на Горниот пазар во Нова Битола. Пристапот до продавниците е вистински предизвик.
Локалните жители се жалат дека горниот пазар во населбата Нова Битола тоне во крш, смет и запуштеност. Иако овој комплекс располага со голем број продавници и пазар на отворено кои секојдневно ги опслужуваат граѓаните, амбиентот не е пријатен и соодветен на еден отворен пазар каде граѓаните ги набавуваат потребните прехранбени намирини, се среќаваат со пријатели и се дружат во жешките летни денови.
По неколкуте реакции и поплаки од граѓани кои реагираат на ваквата состојба, екипата на Телевизија Тера излезе на терен. Еве каква слика затекнавме таму.
Уште на првиот чекор, сликата е поразителна. На самиот влез екипата на Тера забележа уништена инфраструктура. Наместо уреден пристап, тука зјаат откачени капаци од хидранти. Скалите кои водат до дуќаните се речиси распаднати – плочките се искршени, а дотраените градежни делови се расфрлани наоколу.
Она што дополнително загрижува е фактот дека дури и пристапната патека за лица со попреченост е оштетена и небезбедна бидејќи и од неа недостигаат плочки. Таа пред се е наменета за инвалидски колички, но со оглед на тоа што и на неа недостигаат плочки, се оневозможува безбедно движење на најранливите категории граѓани.
Дополнителен проблем е нехигиената. Камерите на Тера регистрираа расфрлани опаковки од сендвичи од локалните сендвичарници, лименки, картони и најлонски кеси со ѓубре кои никој не ги собира. Смет и во околните тревници.
Целиот амбиент дополнително го нагрдуваат ичкртаните ѕидови и столбови. Прекриени со секакви написи и графити, тие му даваат на просторот визуелен лик на напуштено место, во кое, како што велат граѓаните, особено не е пријатно да се движите во вечерните часови.
Жителите и сопствениците на дуќаните апелираат да се санираат искршените подлоги, да се исчисти сметот и да не се загадува од страна на несовесни граѓани.


























