ТЕРА

REKLAMA???

Дали Битола има доволно зеленило?

Високите летни температури одново ја актуелизираа темата за градското зеленило и неговото значење врз микроклимата во Битола. Разликата во температурата на локации каде што има дебела ладовина и на места опкружени со асфалт и бетон е очигледна. Направивме анкета со битолчани – ги прашавме дали градот има доволно зелени површини.

Со првите пожешки летни денови, разликата меѓу бетонот и природата станува сè поочигледна. Секој што ги чекори битолските улици за време на летните жеги знае дека температурата не е иста насекаде. Додека меѓу зградите и на асфалтот воздухот „трепери“ од жештина, неколку метри под дебелите сенки на дрвјата носи значајно освежување.

Градскиот парк во Битола за многумина останува вистинска зелена оаза и спасоносно засолниште од високите температури.
„Паркот ни е прекрасен, ама Битола не е само Градскиот парк. Во другите населби има сè повеќе бетон, а сè помалку дрвја. Треба многу повеќе да се сади низ целиот град, бидејќи летно време не се издржува на асфалтот.“
За рекреативците и оние кои практикуваат активен начин на живот, зелените површини не се само естетски детал, туку основен предуслов за здравјето. Тие посочуваат дека чистиот воздух и природната сенка се пресудни за квалитетна физичка активност.

„За нас што рекреираме секој ден, зеленилото е пресудно. Не е исто да трчате на бетон и на сoнце, или под сенка покрај дрвја. Зеленилото значи здрав начин на живот, почист воздух и подобро психо-физичко здравје за сите генерации.“

Климатските промени и сè пожешките лета испраќаат јасна порака: инвестирањето во нови зелени површини во Битола веќе не е прашање на избор, туку потреба за похумано и попријатно живеење.