По бројни реакции, едно извинување, две прекопувања од работници и од дождот, улица „Козара“ ќе се асфалтира. Ова денеска го најави градоначалникот на средба со новинарите.

Историската битка на улицата Козара ќе заврши овој август. Конечната битка со улицата зад уредот во Битола ќе се одвива во период од 4 до 8 август. Стотина жители на улицата од април минатата година беа опколени со градежни машини, летна прашина и есенско-зимска шлакутница. Едно време почнаа и говорењата дека општината градела во строгото градско подраќје заштитено со закон без претходна дозвола од управата за заштита на културното наследство. Без официјална потврда или негирање на ваквите гласини, градоначалникот беше исправен пред ПР службите на Општината и се извини на граѓаните што сите градежни активности поврзани со оваа улица се одвиваат многу бавно.

Денеска, 4 месеци по извинувањето на жителите, градоначалникот ја најави финалната битка за улицата – по Илинден Козара ќе се асфалтира!
Градоначалникот го постави денеска клучното прашање коешто има неколку страни на гледање. Дали градежната оператива е подготвена за проектите кои ги започнала локалната самоуправа, па општината зборува дека работи, а на терен граѓаните се соочуваат со раскопани улици, тумбиња со песок, котури од жици кои често извираат покрај некоја бандера, и учат се што можат за издржливоста на амортизерите на своите автомобили. Дел од улиците чија реконструкција започнала во текот на претходната година, сеуште стои под тампон. Каде е проблемот во однос на асфалтирањето на улиците кадешто се завршиле подземните инфраструктурни мрежи?

Отворањето на градежната сезона за Општина Битола и градоначалникот Коњановски значи можност за реализација на својата предизборна програма, но , притоа јавноста очигледно не е усогласена по прашањето дали успехот се мери според започнати или според завршени проекти.











