Зошто правилата не се почитуваат, зошто никој не контролира , зошто проблемот трае со години, кои се другите институции кои директно мора да се вклучат во решавање на проблемот кој се појавува во Реон 6 од стариот битолски пазар.
Ова се прашањата за кои денеска разговаравме со директорот на ЈП „Пазари“ во Битола, Драги Џаревски, а по регистрираната состојба пред десетина денови, кога долниот пазар, наместо со мирис на свежи земјоделски производи, посетителите ги пречекуваше со неподнослива миризба на скапано овошје и урина и силниот емотивен набој на закупците на тезги.
Денеска состојбата е сосема поинаква. Камионите се уредно наредени, закупците околу чисти тезги, нема импровизирани живеалишта кои ги бранат силни мажи.

Директорот пред нас јавно го осуди чекорот на еден од закупците кој пред десетина дена се обиде да ја спречи работата на ТЕРА. Укажувањата на медиумите се вреднуваат , рекоа од во својата реакција тогаш, преку социјалните мрежи.
Тера: Директоре, пред околу десетина дена добивме фотографии и реакции од закупци на тезги во Реон 6 на Градскиот пазар. Тие тврдат дека дел од закупците на продажен простор за камиони не само што не се грижат за хигиената, туку и преспиваат на пазарот. Велат дека ова е проблем кој со години се повторува. Каков е вашиот став?
Џаревски: „ ЈП „Пазари“ редовно ја одржува хигиената на градските пазари. Во понеделникот беше темелно исчистен и измиен Долниот пазар, а претходно беше измиен и Горниот пазар. Со овие активности ќе продолжиме и понатаму.
Во однос на Реон 6, каде што се наоѓаат камионите, сакам јасно да потенцирам дека договорите се склучуваат за закуп на продажен простор наменет за камион, согласно законските процедури и условите на претпријатието. Не станува збор за закуп на простор за сместување на членови на нечие семејство, туку исклучиво за вршење трговска дејност.
Согласно договорите, секој закупец, без разлика дали користи тезга или продажен простор за камион, е должен да се грижи за редовното чистење на закупениот простор. Ние, како јавно претпријатие, ќе продолжиме со редовното чистење на заедничките површини, но очекуваме и закупците совесно да ги исполнуваат своите обврски. Доколку тоа не го прават, ќе постапиме согласно договорните одредби.
Само со заедничка одговорност можеме да обезбедиме чист, уреден и функционален пазар за сите граѓани.

Тера: Во договорите за закуп, како и во правилата истакнати во Реон 6, јасно е наведено дека закупците не смеат да поставуваат импровизирани конструкции, да го блокираат пристапниот пат и дека се должни да се грижат за хигиената. Сепак, тоа не се почитува. Дали ЈП „Пазари“ има механизми за секојдневна контрола и санкционирање на ваквите прекршувања?
Џаревски: Закупците, особено оние во Реон 6, се известени дека се должни да ги почитуваат договорите за закуп и правилата на пазарниот ред. Тие треба да се воздржуваат од постапки што не се во согласност со договорните обврски.
Тера: Што ако не ги почитуваат тие правила?
Џаревски: Доколку не ги почитуваат, ЈП „Пазари“ ќе постапи согласно договорите, што подразбира можност за раскинување на договорот и отстранување од пазарот.

Тера: Второто прашање се однесува на преспивањето на закупците во нивните камиони. Тоа отвора и прашање за користењето на санитарните јазли. Закупците велат дека плаќаат околу 19.000 денари месечно, а немаат пристап до основни услови – немаат вода, немаат можност да го користат тоалетот, а тоа директно влијае врз хигиената околу нивните продажни места. Каков е вашиот одговор?
Џаревски: Во однос на користењето на санитарните јазли, почитувањето на договорните обврски и одлагањето на отпадот, ќе продолжиме со активности за подобрување на условите и со засилена контрола на терен.
Тера: Зошто тоалетите се заклучуваат по 18 часот?
Џаревски: Согласно пазарниот ред, работното време на пазарот во летниот период е од 7 до 19 часот, а во зимскиот период од 7 до 17 часот.
Тера: Но луѓето преспиваат таму. Дозволено ли е тоа?
Џаревски: Тоа е повеќеслоен проблем и неговото решавање бара координирано постапување со надлежните институции.
Тера: Во реакцијата што ја објавивте наведовте дека ЈП „Пазари“ не е единствената институција што треба да реагира. На кои институции конкретно мислите? Дали имате воспоставено меѓуинституционална соработка?
Џаревски: Повторно ќе кажам, договорите што ги склучуваме се за закуп на продажен простор за камион, а не за сместување на луѓе. Затоа е потребна координација со другите надлежни служби.

Впечатокот дека директорот одлучил денеска да го има дефанзивниот однос во однос на институционалната орговорност продолжи и со следните прашања, кои , и се повторуваа.
Тера: Во реакцијата што ја објавивте наведовте дека ЈП „Пазари“ не е единствената институција што треба да реагира. На кои институции конкретно мислите? Дали имате воспоставено меѓуинституционална соработка?
Џаревски: Повторно ќе кажам, договорите што ги склучуваме се за закуп на продажен простор за камион, а не за сместување на луѓе. Затоа е потребна координација со другите надлежни служби.
Тера: Закупците велат дека поднеле петиција до Општина Битола поради состојбите во Реон 6, но досега нема резултат. Дали сте запознаени со таа петиција и како планирате заеднички да ги решавате овие проблеми?
Џаревски: ЈП „Пазари“ не може самостојно да го реши овој проблем. Повторувам, ние издаваме продажен простор за камиони, а не простор за живеење. Потребно е координирано постапување на надлежните институции.
Тера: Закупците тврдат дека користењето на тоалетот се наплаќа, иако сметаат дека треба да биде бесплатно. Зошто е така?
Џаревски: За користењето на санитарните јазли постои договор со физичко лице кое стопанисува со нив.
Тера: Ако постои таков договор, дали услугата треба да ја плаќаат закупците?
Џаревски: Треба детално да го разгледам договорот. Тој е склучен пред моето доаѓање на функцијата, а во моментов го анализирам за да утврдам какви чекори треба да се преземат.
Тера: Минатата година имаше реакции за хигиената на Горниот пазар, а сега и за Реон 6. Што му е потребно на ЈП „Пазари“ за стандардот на хигиена да биде повисок?
Директор: Доколку секој закупец ги почитува договорните обврски, ќе имаме чист, уреден и функционален пазар. Ние ќе продолжиме редовно да ги чистиме заедничките површини.
Тера: Дали ви недостигаат вработени? Дали се потребни повеќе хигиеничари или дополнителен ангажман во летниот период?
Директор: Во моментов бројот на хигиеничари е доволен. Во летниот период контролите и активностите се засилени, па пазарите се мијат значително почесто отколку во останатиот дел од годината.
Тера: А дали сметате дека и самите закупци ја исполнуваат својата обврска во однос на одржувањето на хигиената?
Директор: Има различни примери. Некои закупци ги исполнуваат своите обврски, а други не. Затоа е неопходно сите да ги почитуваат правилата и договорите за закуп.

Во македонскиот јазик и народната традиција има повеќе поговорки, изреки и народни изрази кои се поврзуваат со пазарот, кој често симболизира мешаница – од понуда, луѓе и нивни навики и ставови. Но, сите мора да го почитуваат редот.
И сепак, институцијата ги наметнува правилата, „куќниот ред“ ако сакате, а истовремено се грижи сите да бидат задоволни. Зад ЈП „Пазари“ финансиски и отчетно стои Општина Битола. Според Завршната сметка за 2025 година, која беше разгледана од Советот на Општина Битола во јуни 2026 година, ЈП „Пазари“ – Битола има акумулиран долг (загуба) од околу 2,2 милиони денари, што е најмалку споредувано со другите јавни комунални. А од 2021 година – досега, во секој од Буџетите има планирани средства за субвенции на ова претпријатие.












