ТЕРА

REKLAMA???

ИЛЈАДНИЦИ СВЕЌИ ЌЕ ГО ОСВЕТЛАТ ПРЕДВОРЈЕТО НА ЦРКВАТА „СВ. СОФИЈА“ ВО ОХРИД

Камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, на 6 август ќе настапи во предворјето на црквата „Св. Софија“ во Охрид, заедно со светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ, во рамки на официјалната програма на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Во магичниот амбиент на „Св. Софија“, под отворено небо и во светлината на илјадници свеќи, публиката ќе има можност да доживее уникатен „кендлајт“ концерт, кој ги обединува врвната музичка интерпретација, впечатливата сценографија и неповторливата атмосфера на еден од најзначајните културно-историски локалитети во Македонија.

Концертите под свеќи во последните години станаа еден од најпрепознатливите светски концертни формати, носејќи сосема поинаков начин на доживување на класичната музика. Наместо традиционална концертна сцена, публиката добива интимно и визуелно впечатливо искуство во кое светлината, архитектурата и музиката се спојуваат во една целина. Токму спојот на музиката, светлината и автентичниот простор на „Св. Софија“ ветува концертно доживување што долго ќе се памети.

На програмата се дела од Петар Илич Чајковски, Ралф Вон Вилијамс, Камиј Сен-Санс и Пабло де Сарасате. Публиката ќе ги слушне „Серенада за гудачи“ оп. 48, „Возлет на чучулигата“, „Интродукција и Рондо капричиозо“ и виртуозната „Кармен фантазија“ оп. 25, едно од највпечатливите и технички најпредизвикувачки дела за виолина, кое претставува вистински предизвик и за најголемите светски виртуози.