9 лица се тешко повредени во сообраќајната незгода којашто се случи утринава нешто по 9 часот. Жртви немало, а досега има официјални информации само од Клиничката болница . Лицата кои се со тешки телесни повреди се хоспитализирани а другите се под надзор. Тешка сообраќајна несреќа утрово го прекина нормалното одвивање на сообраќајот на магистралниот пат А3 Битола–Прилеп. Несреќата се случила во близина на мостот на реката Шемница, каде, според првичните информации, дошло до судир во кој учествувале четири возила. На местото веднаш пристигнале екипи на СВР Битола, Територијалната противпожарна единица Битола и Итната медицинска помош. Во Клиничката болница во Битола биле донесени девет повредени лица. Осум од нив се со потешки телесни повреди и се задржани на болничко лекување. Од болницата информираат дека едно лице било итно внесено во операциона сала, додека останатите пациенти се во стабилна состојба, но под постојан медицински надзор. Двајца пациенти се хоспитализирани на Одделението за ортопедија, а шестмина на Одделението за хирургија. Меѓу повредените, според досегашните информации, има и четворица странски државјани. Неофицијално се шпекулира дека станува збор за државјани на Република Србија, но овие информации сè уште не се официјално потврдени. Според првичните, неофицијални сознанија, до несреќата дошло откако едно од возилата што се движело од правец Прилеп кон Битола, од засега непознати причини, преминало во спротивната сообраќајна лента, каде се судрило со возило што се движело од спротивниот правец. По првиот удар следувал верижен судир во кој биле вклучени уште две возила. Од Територијалната противпожарна единица Битола информираат дека, и покрај силниот удар и деформацијата на возилата, немало пожар. Се очекуваат официјалните информации за причините за оваа сообраќајна незгода од СВР Битола и ОЈО Битола.
СЕУШТЕ НЕ СЕ ПОЗНАТИ ПРИЧИНИТЕ ЗА ТЕШКАТА СООБРАЌАЈНА НЕЗГОДА











