Во Претор и Сливница успешно се одржа инклузивната велосипедска тура „Преспански аванТУРИ“, во рамки на проектот „Магијата на Преспа“, реализиран од страна на Здружението Иклуалити од Скопје, во партнерство со Здружението Иднина на традицијата од Ресен.
Во мирна и позитивна атмосфера, преку 50 учесници возеа долж крајбрежјето на Претор и Сливница со стандардни и адаптивни велосипеди, уживајќи во природата, движењето и заедничкото дружење покрај Преспанското Езеро.
Меѓу учесниците имаше и возрасни и деца, а особен интерес предизвикаа адаптивните велосипеди. По турата, за време на пикникот и дружењето во Претор, присутните имаа можност да ги испробаат различните велосипеди и одблизу да видат и искусат како функционира велосипед прилагоден за различни потреби.
Со велосипедската тура беше промовирана и новата услуга „Рент адаптив вело“, со што адаптивните велосипеди не остануваат само дел од еднодневниот настан. Во Здружението Иднина на традицијата, аадаптивните велосипеди ќе бидат достапни за користење и изнајмување. На овој начин се создава трајна можност лицата со попреченост, нивните семејства и сите посетителите на Преспа и по завршувањето на проектната активност да имаат пристап до адаптивно велосипедско искуство.












