Повик за помош пристигнал до битолската противпожарна единица денеска предпладне, ама од поинаков тип. Наместо телефонска дојава , пожарникарите слушале силно лаење од куче. Поголемо куче имало во коритото на Драгор како лае и очигледно го бара вниманието на луѓето затоа што се нашло заробено меѓу високите ѕидови на коритото.
Пожарникарите веднаш излегле на терен и ја започнале интервенцијата. Кучето-големо со моќно тело налик на овчарските кучиња чувари. По проценката на ситуацијата, двајца од пожарникарите се спуштија до животното. Најпрвин го смирија а потоа со јаже, кучето беше извлечено од коритото и пренесено на безбедно.
Интервенцијата заврши успешно. Според информациите кои ги добивме од Територијалната Противпожарна единица, кучето било без сопственик и веднаш по извлекувањето од реката било повторно вратено на улиците од старата чаршија.
Животното е спасено, а пожарникарите уште еднаш покажаа дека нивните интервенции не се ограничени само на пожари и спасување луѓе. За пожарникарите ова денеска беше уште една интервенција. За кучето, спасен живот, а за околните минувачи момент да посведочат дека помошта не познава граници, ниту кога станува збор за улично животно.











