Во Куманово се одржува 29. меѓународен фестивал „Денови на комедија“. Во текот на фестивалските денови, публиката има можност да проследи театарски претстави исполнети со хумор, квалитетна актерска игра и препознатлива фестивалска атмосфера преку изведба на театрите од Македонија и земјите од регионот.
Претставата која секогаш го полни гледалиштето до последното место, комедијата од Марк Камолети, во режија на Марјан Георгиевски, на Битолскиот театар е дел од овој фестивал и ќе биде изведена на 2 октомври од 20 часот.Недоразбирања, тајни, љубовни заплети и урнебесни пресврти секогаш ја тераат публиката да се смее од почеток до крај.
Зошто комедија? Затоа што премногу долго сме сериозни.
Живееме во време на прегласни информации и постојани кризи.
Научивме како да бидеме загрижени, заборавивме да се смееме.
Затоа сега е време за Камолети – светскиот крал на фарсата и мајсторот кој знае како хаосот да го претвори во лек.
„Секстет“ е комедија која остава без здив.
Оваа претстава е создадена за да биде вечер за чиста радост.
Темпо кое не дозволува здив и актери кои во овој хаос влегуваат со смртна сериозност.
Во претставата играат: Бернар -Николче Пројчевски, Жаклина-Катерина Аневска Дранговска, Роберт -Александар Димитровски, Сузан-Сандра Грибовска Илиевска, Сузет -Анастасија Чипуровска, Џорџ-Борче Ѓаковски.Костимографијата е на Андреј Георгиевски, сценографијата на Влатко Чачоровски, музика -Александар Димовски. Ова не е претстава што се раскажува – ова е претстава што мора да се доживее.
Во фестивалската програма се десет театарски претстави од Македонија и од земјите од регионот, исполнети со хумор и квалитетна актерска игра. Ќе бидат доделени награди во повеќе категории, меѓу кои за најдобра претстава, режија и актерски остварувања. Фестивалот ќе биде затворен со претстава надвор од конкуренција, посветена на годинашниот лауреат Игор Џамбазов.












