ТЕРА

REKLAMA???

Вечерва започнува 35 ИНТЕРФЕСТ

Вечерва се крева фестивалската завеса на 35-то издание на  интернационалниот фестивал на класична музика интерфест.

Битола повторно во знакот на класиката: Започнува 35-тото јубилејно издание на „Интерфест“

Од 2 до 12 октомври 2026 година, Битола ќе биде домаќин на 35-тото јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“. Низ десетте фестивалски денови, Градот на Конзулите ќе прерасне во културно средиште на врвни уметници, реномирани ансамбли и истакнати домашни и меѓународни солисти.

Фестивалската завеса се крева во петок (2 октомври) во НУ Центар за култура – Битола. Програмата започнува во 19:30 часот со ликовната изложба „Современа Италијанска графика и цртеж“, по што во 20:00 часот следува свеченото отворање со балетската претстава „Шехерезада“ на НУ Опера и Балет на музика од Николај Римски-Корсаков, во кореографија на Михаил Крапивин (Русија) и солистите Наташа Трендафилова-Гицев и Балаж Лочеи од Унгарија.

Во сабота (3 октомври), во акустичниот амбиент на КИЦ Офицерски дом, вистинска фестивалска ексклузива ќе понуди настапот на легендарниот италијански пијанист Бруно Канино, истакната фигура на светската пијанистичка сцена познат по своите интерпретации на класичната и современата камерална музика. Тој пред битолската публика ќе изведе дела од Скарлати, Клементи, Петраси и Дебиси.

Фестивалскиот подиум ќе одбележи и значајни уметнички јубилеи: во недела (4 октомври), македонскиот тромбонист Кирил Рибарски го прославува својот јубилеј — 60 години на концертната сцена, заедно со „Макбрас ансамблот“ и изведби на дела од Бетовен, Пиацола, Д. Гаконовски-Шпато и Ф. Стевановски.

Италијанската дуо-традиција продолжува со настапот на кларинетистите Рафаеле и Никола Бертолини (5 октомври), додека домашното Дуо Кировски (Љубиша Кировски – виолина/виола и Маја Шутевска-Кировска – пијано) ќе настапи на 7 октомври со програма од Моцарт, Х. Виетам и македонските автори Д. Јордановски и Б. Илин.

Посебен фокус на женското музичко творештво ќе стави Пијано дуото „Мел Бонис“ од Италија (Вера Лицио и Дијана Нокиеро) на 8 октомври со проектот „Женски визии“, изведувајќи дела од композиторки како Сесил Шаминаде и Мел Бонис. Францускиот пијанист Иг Леклер (Hugues Leclère) ќе одржи рецитал посветен на импресионистите Дебиси и Равел на 9 октомври.

Свечено затворање со Камерниот оркестар на Битола и Емир Имеров

За завршницата на фестивалот (10 октомври во КИЦ Офицерски дом), предвидена е вечер со НУ Камерен оркестар на Битола под диригентската палка на Владимир Димовски. Солист на вечерта ќе биде истакнатиот виолинист Емир Имеров (Германија/Македонија), кој ќе ги интерпретира омилените класични ремек-дела од Моцарт, Астор Пиацола и Антонио Вивалди.

Покрај концертниот дел, „Интерфест 2026“ ја продолжува и својата едукативна мисија преку мастеркласи за млади музичари одржани од Љубиша Кировски и Иг Леклер во Државното музичко училиште во Битола.