Почетокот на новата работна недела носи генерално мирна состојба на патиштата. Според најновите информации на АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања.
АМСМ и денес предупредува на можност од одрони на патиштата низ котлини, речни долини и клисури. Посебно внимание се препорачува на делниците Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.
За битолчани кои денес патуваат кон Прилеп, и понатаму е во сила времен режим на патниот правец Прилеп–Битола поради работите поврзани со Коридорот 10Д. Сообраќајот се пренасочува по регионалниот пат, на потегот од клучката Лагово до Тополчани.
Кон Охрид, на патниот правец Кичево–Охрид има градежни работи на повеќе делници, па сообраќајот се одвива со девијации. Во сила е и времен режим на делницата Гостивар–Кичево, кај мостот на реката Тајмишка, поради санација на мостот.
За оние што патуваат кон Крушево, делницата Мало Коњари–Кривогаштани останува затворена поради градежни активности, а сообраќајот се пренасочува по алтернативен правец.
За патниците кон Грција, на граничниот премин Меџитлија–Ники последните достапни податоци покажуваат околу 20 минути чекање во правец кон Грција и околу 25 минути во обратен правец.
Патот Охрид–Ресен преку Галичица е отворен за сообраќај за возила до 3,5 тони.












