Подводната пештера „Врело“ на Матка официјално е најдлабоката пештера во светот истражена од човек, откако полскиот нуркач Бартиломеј Питала, заедно со македонскиот, полскиот и италијанскиот тим на спелеонуркачкиот клуб „Врело“, го собори светскиот рекорд спуштајќи се на неверојатни 338 метри длабочина.
Со оваа историска експедиција беа поставени неколку светски рекорди одеднаш: за најдлабока истражена пештера, најдлабоко пештерско нуркање, најдлабоко нуркање во отворени води, како и рекорд за најмлад нуркач кој се спуштил под 300 метри со опрема од затворен тип. Финалното нуркање траело дури девет часа, што според рекордерот Питала претставувало огромен психофизички предизвик.
„Рекордот не беше главната цел за нас, туку истражувањето на геологијата, пронаоѓањето нови премини и учењето за пештерата“, изјави Питала по преронувањето. За време на истражувањата, тимовите целосно ја изменија мапата на „Врело“, откривајќи два нови канали во вкупна должина од 150 метри.
Христијан Миланоски, претседател на СНК „Врело“, со гордост истакна дека со овој подвиг Македонија е позиционирана на првото место на светската мапа на рекорди. За потребите на оваа сложена мисија, македонскиот тим за првпат конструираше и обезбеди воздушна комора (хабитат) на длабочина од 8-9 метри (на 130 метри од влезот на пештерата), која симболично беше означена со македонското знаме.
Овој историски резултат се очекува сериозно да го засили развојот на авантуристичкиот туризам и да привлече голем број нуркачи и туристи од целиот свет.












