Дваесет и четиригодишниот К.У. од Битола, кој се сомничи за семејно насилство и претходно побегна од полициска станица, денеска (16.11.2026) доброволно се предаде во СВР Битола, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Според официјалното соопштение, предавањето е реализирано на пладне, откако полициските службеници презеле мерки во координација со неговиот бранител и Основното јавно обвинителство Битола. По приведувањето, со него е извршен службен разговор од страна на инспектори од криминалистичката полиција.
Случајот претходно го привлече вниманието на јавноста откако Бети Ангеловска, мајка на 21-годишната жртва, за „Слободен печат“ сведочеше дека нејзината ќерка година и пол била изложена на физичко и психолошко насилство и закани. Според нејзиниот исказ, при последниот инцидент осомничениот ја давел со голи раце, по што успеал да побегне од полицијата.
Од СВР Битола посочуваат дека против К.У. уште на 11.11.2026 година е поднесена кривична пријава поради основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување при семејно насилство“ (член 144 став 3) и „телесна повреда при семејно насилство“ (член 130 став 2) од Кривичниот законик. Во координација со ОЈО Битола се преземаат понатамошни мерки за целосно расчистување на случајот.










