ТЕРА

REKLAMA???

Франција да се вклучи во обновата на „Француски пат“ на Пелистер

Обновувањето на Францускиот пат на Пелистер, историска траса од времето на Првата светска војна, било главна тема на средбата меѓу директорот на Националниот парк „Пелистер“, Иванчо Тошевски, и францускиот амбасадор во Македонија, Кристоф Ле Риголер.

На средбата Тошевски ги презентирал функционирањето на установата, предизвиците со кои се соочува и плановите за развој на екоактивниот туризам. Посебен акцент бил ставен на обновувањето на Францускиот пат, кој ја поврзува преспанската со пелагониската страна на Баба Планина.

Покрај историското значење, оваа траса има и практична улога во управувањето со националниот парк. Нејзиното обновување би овозможило подобра пристапност до теренот, поефикасна противпожарна заштита, полесно следење на природните живеалишта и мониторинг на видовите.

Францускиот пат е предвиден како важна инфраструктурна траса во повеќе стратешки документи на Националниот парк, меѓу кои Десетгодишната програма за противпожарна заштита, Стратегијата за развој на туризмот и посебните планови за одгледување на шумите.

На средбата била истакната и културно-историската вредност на патот, кој може да прерасне во нова туристичка атракција преку поврзување на природното наследство на Пелистер со историјата на воените дејствија од Првата светска војна.

Францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер изразил заинтересираност за активно вклучување во процесот на обновување на трасата. Целта е патот да стане подостапен за посетителите, но и да се овозможи подобро информирање за историските настани што се одвивале долж овој правец.