Празнувањето на јубилејот,започна со полагање свежо цвеќе пред споменикот на театарот. Директорот Васко Мавровски и дел од колективот на Народниот театар Битола така го манифестираа почитувањето на богатата историј, традиција и на сите генерации кои го создавале и одржувале континуитетот на оваа институција од културата.
„Упатуваме искрена благодарност до сите вработени, уметници, соработници и до секој поединец кој во изминатите 82 години, со својот професионален ангажман, посветеност и придонес, бил дел од развојот и афирмацијата на Народниот театар Битола. Секој од нив е нераскинлив дел од неговата историја и континуитет. Посебно место во оваа приказна ѝ припаѓа на нашата публика – на сите генерации гледачи кои низ годините ја следеле, поддржувале и вреднувале нашата работа. Вие сте причината поради која создаваме и постојано се стремиме кон нови уметнички достигнувања. Секое чувство,секоја насмевка, солза или замисла, за нас претставува потврда за смислата и вредноста на нашата работа. Нашиот развој и континуитет се поврзани и со поддршката од нашите спонзори, партнери и пријатели, кои го препознаваат квалитетот на Народниот театар Битола и значењето на неговата улога во културниот живот“, се вели во Соопштението на Народниот театар Битола.
82 години традиција, одговорност и посветеност на уметноста. И оваа генерација актерки и актери, режисери , драматурзи, сценаристи, сценографи, композитори, светло и тон мајстори, инспициенти и суфлери продолжуваат да ја негуваат театарската традиција, да создават современи сценски остварувања и да ја оправдуваат довербата на публиката, со свест за одговорноста што ја носи институција со вакво историско и културно значење.
Роденденското одбележување продолжи со премиерата на матична сцена на претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, со која се отвори 12. издание на Битола Шекспир Фестивалот. Претставата по барање на публиката ќе се изведе и денеска на 16. ноември.
Покрај „Кориолан“ и свеченото отворање на Шекспир фестивалот, има уште пет претстави кои доаѓаат од Италија, Грузија, Ерменија, Романија и Малта и ќе бидат прикажани во периодот до 22 ноември. Во програмата е и видео проекција на филм на Џон Блондел кој е направен за тогашните откажувања на Шекспир фестивалите низ светот за време на короната, театарска работилница за деца, која ќе ја води Билјана Крајчевска, која е посветена на Шекспир. Цела програма е фокусирана на едно дружење со Шекспир, промоција на македонската култура, македонскиот театар и истовремено презентација на тоа што се случува надвор од Македонија, а е поврзано со Шекспир.










