Овогодишното издание на битолското културно лето, Бит Фест ги чинеше граѓаните најмалку 4.144.000 денари (околу 67.300 евра) само од буџетот на ЈОУ Културен и информативен центар – Битола. Кога ќе се отворат буџетските документи на Општина Битола и последните ребаланси на буџетот, станува јасно дека ова не е конечната бројка. Вистинската сума останува расцепкана и невидлива за јавноста.
Во официјалниот допис доставен на барање за информации од јавен карактер, од КИЦ Битола потврдуваат дека потрошиле над четири милиони денари од сопствената каса врз основа на пристигнати фактури и договори за физички лица. Сепак, оваа сума не ги опфаќа директните ставки за Бит Фест“и техничка поддршка во Програмата за култура на самата Општина Битола, ниту пак дополнителните пари што Советот на Општина Битола ги прераспределуваше преку ребалансите на буџетот, како што беа дополнителните средства за настани од типот на Bitola Calling 2026. Со ваквото расфрлање на трошоците меѓу повеќе буџетски сметки, граѓаните добиваат парцијална слика, додека точниот износ останува непознат.
Покрај расцепканиот буџет, транспарентноста на КИЦ Битола нагло запира зад бирократски формулации и избегнување директни одговори кога станува збор за деталите од нивното трошење. На конкретното прашање колку од тие 4,14 милиони денари отишле за хонорари на изведувачите, а колку за продукција, техника и промоција, од КИЦ одбиваат да дадат детали. Наместо бројки, јавноста добива општ одговор дека парите се исплатени „врз основа на одобрените апликации“, додека настаните биле поддржани со сопствената опрема, простор и човечки ресурси на центарот.
Иако побаравме да се соопштат и имињата на лицата што ја вршеле селекцијата на апликациите за Бит Фест 2026, КИЦ Битола ги крие нивните идентитети зад флоскулата дека комисијата била составена од „истакнати културни работници и двајца претставници од редот на вработените“. Кои се тие истакнати работници и по кој критериум одлучувале за распределбата на јавните пари, останува непознато.
На прашањето колку средства обезбедиле од спонзори надвор од општинската каса, од КИЦ се обидуваат да го дискредитираат прашањето, оценувајќи го како поставено „во погрешен контекст“. Според нивното толкување, спонзорства си обезбедувале самите изведувачи доколку имаат потреба, што практично значи дека установата не привлекла дополнителни финансиски средства, туку се потпрела исклучиво на парите на даночните обврзници.
КИЦ Битола брои вкупно 19 вработени, од кои еден директор, 15 лица во редовен работен однос и тројца ангажирани преку Агенција за привремени вработувања. На барањето да се објават имињата на вработените и нивните плати, од установата одговараат само дека на веб-страницата е објавена систематизацијата, целосно игнорирајќи го делот за платите и персоналниот состав.
За сметка на недостигот од финансиски податоци, КИЦ не штеди на самопофалби. Установата тврди дека Бит Фест 2026 го посетиле околу 25.000 посетители, бројка врз основа на која самите си доделија оценка за „успешно издание“. Кога беа прашани дали направиле реална анализа за економскиот ефект врз угостителите, хотелите и локалниот приватен сектор, од КИЦ наместо мерливи економски индикатори, понудија есеистички состав за „мултипликативен ефект“, „поголема раздвиженост“ и „туристичка промоција“.
Отчетноста на институциите што ги трошат народните пари уште еднаш падна на испит, и покрај нивната законска обврска да одговорат точно, целосно и прецизно на барањето за пристап до информации од јавен карактер. Наместо јавен и проверлив пресек за секој потрошен денар, граѓаните добија бирократски изговори, сокриени имиња на комисии и парцијални суми. Се додека вистинскиот цех на Бит Фест останува замаглен зад есеи за „мултипликативни ефекти“, јавноста со право ќе се сомнева каде и по кои критериуми завршуваат милионите од општинската каса.











