ТЕРА

REKLAMA???

Александар Јовковски на чело на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ во Битола

Александар Јовковски е новиот претседател на Патриотскиот институт „Гоце Делчев“ на ВМРО-ДПМНЕ во Битола. Одлуката за неговото назначување ја соопшти самиот Јовковски, кој преку јавна објава упати благодарност до претседателот на Институтот, Александар Пандов, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за укажаната доверба.

Во својата објава, Јовковски наведува дека новата функција ја прифаќа како чест, но и како одговорност, најавувајќи дека ќе се залага битолскиот огранок на Институтот да биде место за негување на патриотизмот, историската вистина, почитта кон македонските бранители и љубовта кон татковината.

Назначувањето доаѓа во период кога Јовковски веќе извршува раководна функција во Казнено-поправната установа Затвор Битола.

Јовковски на позицијата директор на Битолскиот затвор дојде во јули 2024 година, кога беше именуван за вршител на должноста директор. Подоцна, на 25 март 2025 година, Владата донесе решение со кое тој и официјално беше именуван за директор на Казнено-поправната установа Затвор Битола.

Инаку, Патриотскиот институт „Гоце Делчев“ е формиран во септември 2020 година, како партиско тело на ВМРО-ДПМНЕ. Неговото основање беше објавено на 8 септември истата година, а за негов претседател беше назначен Александар Пандов. Според официјалното образложение на партијата, Институтот има задача да ги застапува ставовите за македонскиот национален идентитет, правото на самоопределување и државност, како и да работи на зачувување на историското и културното наследство.

Според партиската организација, претседателот на Патриотскиот институт го избира Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на предлог на претседателот на партијата.