Четворица студенти од Преспанскиот Регион се првите корисници на стипендии што ги доделува Македонското еколошко друштво (МЕД), во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, поддржан од Европската Унија.Стипендиите ги добија Александар Димитриевски, Александар Филиповски и Виктор Малинчевски, кои студираат на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, како и Димитар Нечовски, студент на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“.
Финансиската поддршка изнесува по 400 евра, а е наменета за млади од Преспа кои избрале да го продолжат образованието во областите поврзани со екологијата, биологијата, шумарството и земјоделските науки. Целта на програмата е да им овозможи полесно студирање, но и да создаде нова генерација стручни кадри кои во иднина ќе бидат вклучени во истражувањето и заштитата на природното богатство на Преспанскиот Регион.
За важноста на ваквата поддршка зборува и еден од стипендистите, Димитар Нечовски, кој посочува дека Преспа располага со исклучително природно богатство, но дека неговото зачувување бара континуирана грижа и посветеност.
„Преспа е едно од оние места каде што човек најдобро ја чувствува вредноста на природата со богат растителен и животински свет, ендемични видови, разновидни живеалишта и уникатен екосистем. Ако не ја заштитиме, можеме да изгубиме ретки видови, природни живеалишта и дел од природното богатство што со векови ја прави Преспа посебна“, вели Нечовски.
Од Македонското еколошко друштво нагласуваат дека вложувањето во образованието на младите од регионот е важен дел од долгорочните напори за зачувување на природата. Според координаторката на локалната канцеларија на МЕД во Ресен, м-р Даниела Заец, на Преспа ѝ се потребни образовани и стручни млади луѓе кои своите професионални знаења ќе ги насочат кон решавање на предизвиците во средината од која потекнуваат.
Покрај финансиската помош, стипендистите ќе добијат можност да учествуваат и во менторска програма на Македонското еколошко друштво. Таа ќе се реализира во соработка со локалните заштитени подрачја – Паркот на природата „Езерани“, со кој управува Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“ и Националниот парк „Пелистер“.
Преку вклучување во теренски активности и истражувачка работа, студентите ќе имаат можност стекнатите теоретски знаења да ги надградат со практично искуство. Менторот во програмата за мониторинг на крупни цицачи, м-р Андреј Гонев од МЕД, смета дека директното учество во ваквите активности ќе им помогне на младите да ја разберат важноста на природното наследство и сопствената улога во неговото зачувување.
Програмата за стипендирање ќе продолжи да се спроведува до учебната 2028/2029 година. Од Македонското еколошко друштво ги повикуваат заинтересираните матуранти и студенти од Преспа да ги следат следните повици и можности за аплицирање. Повеќе информации за условите и постапката можат да се добијат и во локалната канцеларија на друштвото во Ресен.
Со оваа иницијатива, покрај непосредната финансиска помош за студентите, се отвора можност за создавање локален стручен кадар кој во иднина ќе може активно да учествува во грижата за биолошката разновидност и природните вредности на Преспа.











