ТЕРА

REKLAMA???

Тендерите за градење се доделуваат под едни, а се реализираат под сосема други услови!

Тендерите за градежни работи во Македонија се добиваат со понуда на ниски цени и кратки рокови, но на терен се гради по сосема други правила – поскапо, подолго и без никакви казни за доцнењето. Ова е главниот заклучок од најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации за корупциските ризици во јавните набавки во изминатите пет години, кое покажува дека анексите на договорите станале правило, а конкуренцијата на тендерите драстично опаѓа.

Од оваа национална слика не е исклучок ниту Битола. Напротив, градот и локалниот градежен сектор се наоѓаат во самиот врв на анализата. Податоците откриваат дека Општина Битола за пет години потрошила 32,5 милиони евра за градежни зафати, при што повеќе од половина од овој колач завршил кај само три компании. Истовремено, битолската фирма “Стентон градба” се искачи на убедливото прво место во целата држава, со склучени градежни тендери тешки над 121 милион евра.

Општина Битола во периодот од 2021 до 2025 година потрошила вкупно 32,5 милиони евра за градежни зафати.Најголемиот дел од општинскиот колач, речиси 30 проценти, го добила битолската компанија „Стентон градба“, која преку 36 договори инкасирала 9,6 милиони евра. На второ место е јавното претпријатие Нискоградба со 4,4 милиони евра за 86 договори, а трета е фирмата „БВ Инженеринг“ со 3,5 милиони евра преку 18 договори. Заедно, овие три субјекти опфаќаат близу 54 отсто од сите градежни пари на општината.

Но, доминацијата на битолскиот градежен сектор ги надминува локалните рамки. На листата од десет компании во Македонија кои добиле највредни тендери во изминатите пет години, на убедливото прво место е токму битолската „Стентон Градба“. Компанијата склучила 119 договори во вредност од 121,2 милиони евра, што претставува речиси 8 проценти од целиот градежен пазар во државата. Истражувачите забележуваат дека додека кај другите големи градежни гиганти во земјава вредноста на тендерите опаѓа, кај „Стентон Градба“ таа бележи вртоглав раст, од 12 милиони евра во 2021, на дури 55 милиони евра во 2025 година. Меѓу нивните најголеми зделки се вбројуваат договорот од 40,4 милиони евра со Универзитетот Мајка Тереза“и договорите со Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони вредни 31,5 милиони евра.

Иако концентрацијата на тендери кај мал број фирми сама по себе не е доказ за корупција, од Центарот за граѓански комуникации предупредуваат дека таа претставува сериозно „црвено знаменце“ и ризик за ограничување на конкуренцијата. Истражувањето открива и низа системски слабости низ целата држава. Тендерите се добиваат со најниска цена, а потоа преку анекси им се зголемува вредноста и им се пролонгираат роковите за изведба без никакви санкции за изведувачите. Дополнително, загрижува фактот што минатата, 2025 година која беше година на локални избори, е забележан рекорден трошок за градежни работи од 434 милиони евра, но и драстичен пад на конкуренцијата, при што секој трет тендер завршил со само еден понудувач, популарно кажано “во четири очи”.

Ова, според истражувачите, ја отвора дилемата дали граѓаните за своите пари добиваат квалитетна инфраструктура, или пак трошоците за лошо изведените работи на крајот повторно паѓаат на товар на јавниот буџет. Од Центарот за граѓански комуникации порачуваат дека за да се спречат злоупотребите, мора да се смени праксата на лесно потпишување анекси и простување на доцнењата. Според истражувачите, потребна е поголема транспарентност за тоа кои проекти навистина се завршени, пореални тендерски услови за поголема конкуренција, но и конечно активирање на банкарските гаранции и казните за неквалитетно изведените работи