ТЕРА

REKLAMA???

Архивскиот материјал е безбеден и на сигурно, уверуваат од Битолскиот архив

Архивскиот материјал во Битола е безбеден и на сигурно, уверува Гоце Стојановски, раководител на Одделението на Државниот архив во Битола.

Последниот извештај на Државниот завод за ревизија детектираше сериозни слабости во состојбата и одржувањето на објектите на Државниот архив на централно ниво, со посебен акцент на условите во кои се чува архивскиот материјал. Но, она што се нарекува културно наследство на Битола и на Македонија, се чува во добри услови.

„Она што беше пласирано во медиумите дека архивскиот материјал во Битола е загрозен поради тоа што протекува од крововите апсолутно не е точно. Архивскиот материјал тука е безбеден и на сигурно и имаме какви-такви услови за да го чуваме она што го нарекуваме културно наследство на Битола и на Македонија. Тоа се чува во добри услови.  Она што е наложено во самиот ревизорски извештај е дека треба значително да се работи на подобрување на условите во депоата не само во Битола, туку и на централно ниво, нешто што е лоцирано и се таложи како проблем со години. Со новото раководство на Државниот архив и новиот директор м-р Димитар Богески веќе имаме одржано неколку состаноци, разговараме на оваа тема и активно се работи на подобрување на тие услови за чување на архивскиот материјал“, изјави за ТЕРА телевизија Гоце Стојановски, раководител на Одделението на Државниот архив во Битола.

Најстариот материјал што е заштитен во Битолскиот архив е документ што датира од петнаесеттиот век.

„Има голем број на материјали што се од 17, 18 и 19 век што се исклучително важни за историјата на Битола и материјалот на Браќата Манаки, што е највредниот материјал што го поседува Државниот архив Одделение Битола“, додава Стојановски.

Инаку, оваа година навршуваат 75 години од постоењето на Државниот архив на Македонија. Овој значаен јубилеј ќе биде одбележан со свечена академија во Скопје.