Во очајна состојба се киосците на дел од автобуските постојки низ градот. Иако и во минатото се алармираше дека на локациите каде што има киосци, истите за жал служат само за собирање смет, до денес, цели 8 години откако ТЕРА телевизија алармирала за овој проблем, ситуацијата не е променета.
По пријава на граѓани денеска ја регистриравме состојбата на автобуската постојка кај новиот пазар во Нова Битола.
Еве што затекнавме таму. Откорната врата стои на влезот на киоскот пркосејќи му на гравитацијата. Во ништо подобра состојба не е ниту автобуската со киоск од другата страна на улицата. Двете постојки во Нова Битола се оштетени и полни со смет.
Следно ја регистриравме состојбата на автобуската постојка пред Педагошкиот факултет во Битола. Тука останале само столбовите од автобуската постојка. За среќа клупата не е оштетена, па граѓаните можат да ја користат додека чекаат автобус.
Следна станица беа постојките на Црн мост. И таму киоскот е во очајна состојба. Ичкртан и излепен останува како нема слика на негрижата. Тука на клупата останале само две дрвени подлоги, па повеќето од патниците кои чекаат автобус стојат простум наместо да ја користат клупата.
Ништо подобра не е состојбата ниту со автобуските постојки кај Музичкото училиште и кај Ректоратот на битолскиот универзитет. Стари реклами и оштетувања на постојките потврдуваат дека истите останале заборавени.
На Шехерезада пак имаше голем број патници. Жешкото време ги натера да се засолнат и да се одморат на клупата на автобуската постојка. Но додека чекаат автобус над нивните глави виси полуоткачено парче од покривот.
На постојката на Ракометното игралиште освен бројните оштетувања недостига и вратата од киоскот.
Се на се, слика која не доликува на Битола и уште еднаш ја потврдува потребата од обнова на автобуските постојки.






























